Зголеменото домашно производство отвора простор за пониски трошоци, но не гарантира и поевтина струја – клучно е колкав дел од производството е државно, а колкав приватно, како и на кој начин ќе се искористи евтината електрична енергија од фотоволтаиците. Универзитетскиот професор и енергетски експерт Константин Димитров вели за весникот ВЕЧЕР дека може да се искористи поголемото домашно производство за намалување на трошоците и на сметките за граѓаните

Зголеменото домашно производство на електрична енергија, особено од фотоволтаичните централи, создава простор за пониски трошоци и за потенцијално поевтина струја за домаќинствата, но тоа само по себе не значи дека ќе се намали цената автоматски. За реална процена, неопходно е да се знае колкав дел од производството доаѓа од државните енергетски компании, а колкав од приватните производители, вели за весникот ВЕЧЕР универзитетскиот професор и енергетски експерт Константин Димитров.
– Не е исто дали зборуваме за производството на „Електростопанство“ или за вкупното производство во државата. Многу е важно да знаеме колкав дел од електричната енергија е произведен од државните компании, а колкав од приватните производители, бидејќи од тоа зависи и со колкаво количество електрична енергија реално располагаме за домашниот пазар – објаснува Димитров.
Во последниот период, во земјава значително се зголемува бројот на фотоволтаични централи, а со тоа и производството на електрична енергија во текот на денот. Зголемената понуда во часовите кога има најмногу сонце може да влијае врз намалувањето на цените на берзите. Според Димитров, токму оваа разлика меѓу дневните и вечерните цени може да се искористи за поефикасно снабдување на домашниот пазар.
– Во државата имаме сè повеќе фотоволтаични централи и со тоа се зголемува производството на електрична енергија во текот на денот. Тоа е позитивно, бидејќи во периодите кога има голема понуда, цената на берзите може да биде значително пониска. Но, важно е како ќе ја искористиме таа евтина електрична енергија. Ако имаме можност да ја купиме или да ја искористиме во часовите кога е најевтина, тогаш можеме да оствариме заштеда – вели тој.
Во практика, тоа би значело државата да го следи пазарот и да обезбедува поголеми количества електрична енергија во периодите кога се пониски цените, а тие да се користат за покривање на дел од потребите во часовите кога поскапува електричната енергија.
– Ако се купи поголемо количество електрична енергија прекуден, во време кога е ниска цената на берзите, таа енергија може да се искористи за покривање на потребите во часовите кога е повисока цената. На тој начин може да се намали вкупниот трошок за набавка на електрична енергија. Но, тоа бара добро планирање и внимателно управување со производството и со потрошувачката – oбјаснува професорот.
Сепак, зголеменото производство кај приватните производители не значи автоматски дека целото количество ѝ е достапно на државата за домашниот пазар. Приватните компании ја пласираат електричната енергија според условите на пазарот, а во одредени ситуации може да биде попрофитабилно дел од вишокот да биде извезен.
– Ако имаме вишок електрична енергија и во тој момент на берзата се појави добра цена за извоз, дел од произведената електрична енергија може да биде продадена надвор од земјата. Во таков случај, иако домашното производство е зголемено, тоа не значи дека граѓаните автоматски ќе добијат поевтина струја. Затоа треба да правиме разлика меѓу вкупното производство и количеството со кое реално располагаме за домашниот пазар – нагласува професорот.
Од друга страна, развојот на приватното производство може да ѝ овозможи на државата пофлексибилно да ја набавува електричната енергија. Доколку цените прекуден се ниски поради зголеменото производство од сонце, дополнителните количества може да се обезбедат преку пазарот и да се користат за покривање на потребите во периодите со повисоки цени.
– Државата може преку пазарот во текот на денот, кога е високо производството од фотоволтаиците и е ниска цената, да купува дополнителни количества од приватните производители. Таа енергија може да се користи за покривање на потребите во вечерните и ноќните часови, кога е намалено производството од сонце, а цените може да бидат повисоки – вели Димитров.
Колкав ќе биде ефектот од ваквиот пристап зависи од повеќе фактори: берзанските движења, можностите за увоз и извоз, трошоците за производство и снабдување, како и состојбата на електроенергетскиот систем. Затоа пониската берзанска цена не значи автоматски и пропорционално намалување на крајната цена што ја плаќаат домаќинствата.
– Не треба да очекуваме дека само зголемувањето на бројот на фотоволтаици автоматски ќе доведе до поевтина струја за домаќинствата. Тоа создава потенцијал, но тој треба правилно да се искористи. Мора да се гледа колку домашно производство имаме на располагање, колку од него е државно, а колку приватно, какви се условите за увоз и извоз и какви се трошоците за снабдување – посочува тој.
Конечната одлука за цената, додава Димитров, не зависи само од состојбите на пазарот на електрична енергија. За цената што ја плаќаат домаќинствата, важни се и регулаторните одлуки, а во крајна линија Владата и Регулаторната комисија за енергетика го имаат последниот збор.
– Можност за поевтина електрична енергија постои, особено ако имаме доволно домашно производство и ако правилно ги користиме периодите кога се ниски берзанските цени. Но, за да кажеме дека сигурно ќе падне цената за домаќинствата, мора да знаеме со колкаво производство реално располагаме. Самото зголемено производство не е доволно за да се предвиди конечната цена што ќе ја плаќаат граѓаните – заклучува Димитров.
(А. С.)












