понеделник, август 31, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе се менува ли начинот на кој се пресметува минималецот?

Ќе се менува ли начинот на кој се пресметува минималецот?

1

Владата е подготвена да разговара за нова формула за пресметка на минималната плата. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека прашањето наскоро ќе биде отворено пред социјалните партнери во рамките на Економско-социјалниот совет, каде што ќе се разговара и за можноста минималната плата да се пресметува според медијалната плата.

Покрај промената на формулата, на маса ќе бидат и нови колективни договори, но од Владата велат дека секое решение мора да се темели на реалните економски услови во земјата.

Според актуелната формула, минималната плата во март се усогласува со 50 проценти од порастот на просечната плата и 50 проценти од порастот на трошоците на живот. Дурмиши вели дека Владата е отворена за промена на овој модел и дека во разговорите со синдикатите и работодавачите треба да се земат предвид повеќе економски показатели.

– Ајде да седнеме и да ја промениме формулата за пресметување на минималната плата – порача Дурмиши, додавајќи дека при носењето на одлуките мора да се земат предвид инфлацијата, куповната моќ, невработеноста, сивата економија, но и состојбата во преработувачката индустрија, производството и приватниот сектор.

Прашањето за минималната плата доаѓа во период кога синдикатите најавуваат притисок пред редовното усогласување во март следната година. Министерот, пак, посочи дека од вкупно околу 750 илјади вработени, речиси 30 илјади примаат минимална плата. Според него, дел од овој број отпаѓа на трговци поединци и лица кои сами си имаат регистрирано компании, па смета дека при анализата треба да се направи разлика меѓу различните категории работници.

– Од сите овие вработени, само 30 илјади граѓани земаат минимална плата. Кога ги правиш во проценти, тоа е 4 или 5 проценти. Но, ако ја поделиме бројката, другите 98 проценти не земаат минимална плата – рече Дурмиши.

Министерот информираше и дека од исполнувањето на преземените реформски обврски се очекуваат околу 20 милиони евра од Европската Унија, средства поврзани со спроведувањето на реформите.

ИЗДВОЕНИ