
Канадскиот премиер Марк Карни објави дека ќе ги заштити домашните индустрии за челик и алуминиум од американските мерки со нови контратарифи и протекционистички политики.
На прес-конференција, објавија канадските медиуми, Карни нагласи дека тој и американскиот претседател Доналд Трамп се согласиле да се придржуваат до трговскиот договор за елиминирање на тарифите во следните 30 дена.
„Но, во исто време, мора да ги зајакнеме и заштитиме канадските работници и бизниси од неправедните американски тарифи“, рече Карни.
Трамп воведе тарифа од 25 проценти за целиот увоз на челик и алуминиум во март и ја зголеми на 50 проценти овој месец.
Канада одговори во март со контратарифа од 25 проценти за американските производи од челик и алуминиум.
Карни денес изјави дека на 21 јули, кога ќе заврши 30-дневниот период на преговори, тие контратарифи ќе бидат прилагодени „на нивоа што се во согласност со напредокот постигнат во поширокиот трговски договор со Соединетите Американски Држави“.
Отава, исто така, на 30 јуни воведува правила што ќе ги ограничат федералните купувања на домашен челик и алуминиум од „доверливи трговски партнери“.
Канада ќе воведе нови тарифни квоти од 100 проценти на нивоата од 2024 година за увоз на челик од партнери за слободна трговија, соопшти владата.
Карни рече дека новите тарифи ќе бидат спроведени во наредните недели за да се заштити канадската индустрија од нефер трговски практики и прекумерен капацитет.
Карни, исто така, најави создавање на две одделни работни групи за челик и алуминиум за следење на ситуацијата и советување на владата.
Шефовите на „Канадската асоцијација за челик“ и „Обединетите челичари“ денес го посетија Парламентот за да ја повикаат федералната влада да преземе итни мерки.
Министерката за индустрија Мелани Жоли рече дека американските тарифи ги доведоа канадските индустрии за челик и алуминиум во вонредна состојба.
„Знаеме дека канадските работници за челик и алуминиум се многу загрижени и сакаат многу, многу брзо да најдеме решение“, рече таа денес.