Кампања пред кампања пуштена на најјако

Министри, градоначалници, директори и на работа и на партиска задача

332

Десетина дена нè делат од распишувањето на општинските избори, а Владата, министрите и градоначалниците кои уште еднаш ќе ја бараат довербата од граѓаните, веќе одамна се влезени во предизборна кампања. Локалните избори се од клучно значење за иднината на владиното партнерство, а исходот за тоа ќе се чека од изборниот резултат на коалицијата „Вреди“. Собранискиот спикер Африм Гаши најави дека изборите ќе ги распише на 8 август, а како датум кога треба да се одржат изборите, премиерот Христијан Мицкоски го спомна 19 октомври, што значи дека, официјално, кампањата ќе започне кон крајот на септември, односно 20 дена пред денот на гласање. Сепак, впечатокот во јавноста е дека кампањата веќе неформално е почната.

Министрите во друштво со градоначалниците од своите партиски редови, секојдневно се присутни на пуштање во употреба на локални инфраструктурни проекти, а неретко гостин е премиерот. Така беше и во текот на вчерашниот ден кога министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со премиерот Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓеоргиевски, го пуштија во употреба базенот во општината Кисела Вода, кој почнал да се гради од 2019 година.

Министерот за култура, Зоран Љутков, беше во општината Аеродром на отворањето на мунтифукционален објект каде што ќе има кинопроекции, театарски претстави и изложби. Министерот за животна средина и неофицијално кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, пак, се појави во Арачиново да финализира проект на одводен канал. На терен се филмува секоја активност и од градоначалниците од опозицијата кои уште еднаш ќе ја бараат довербата од граѓаните.

Така, актуелниот на Центар, Горан Герасимовски, во последните објави на својот фејсбук-профил жителите ги „фаќа“ на емоции, преку „маалски муабети со Горан“ потсетува на урбани ликови, објекти поврзани со спомени. Иако официјално сè уште нема соопштено дали ќе се кандидира за нов мандат, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, ги промовира општинските потфати во негов препознатлив стил.

Министри, директори на јавни претпријатија, опозициски политичари ги заменија летните одмори со трибини и средби со граѓани на кои секој ден се дискутира за тоа во чиј мандат е нешто сработено, за предвреме пуштените објекти и за тие во план. Според Изборен законик, политичката изборна кампања е само во временската рамка од денот на распишување на изборите до нивно одржување. На прашањето дали гласачите прават разлика од промоција на реалните достигнувања и предизборна кампања, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека станува збор за воспоставена практика од почетокот на повеќепартиската демократија во Македонија. Од друга страна, нема избори а да не се злоупотребат државните ресурси во име на партиските цели.

Политичките партии сметаат дека тоа е „нормално“, уште потрагично е што граѓаните тоа го прифаќаат како нешто сосема во ред. Напротив, не е. Најжалосно од сè е тоа што Македонија е ненормално длабоко корумпирано општество и држава и нема независни соодветни институции на системот за да го спречат ова или да го санкционираат. Не само што постои опасност од злоупотреба на ресурсите, туку тие секогаш свесно и намерно се злоупотребуваат. Нагласувам, станува збор за практика која ѝ е очигледна на јавноста 35 години наназад, вели Атанасоски.

Во овој контекс, премиерот Мицкоски, по снимките објавени во емисијата „360 степени“ на МТВ на кои се гледа како службените возила на министерот Меџити и вицепремиерот Арбен Фетаи пред полноќ се паркирани во близина на штабот на „Вреди“ кај Т.Ц Мавровка, им упати апел на двајцата доколку ги користеле во партиски цели да им се извинат на граѓаните.

– Ние во Владата работиме до доцна навечер, сигурно биле на состанок поврзан со работењето во Владата, но ако не биле, ако биле приватно, тогаш ги повикувам  да им се извинат на граѓаните што ги користат ресурсите од државата. Еве и јас ќе ги прашам, кажа премиерот по пуштањето во употреба на базенот во Кисела Вода.

Од Антикорупциската комисија, чии членови секој изборен процес имаат обврска да детектираат можни злоупотреби на државни ресурси од страна на носителите на извршните и јавните функции, велат дека прашањето е регулирано со Кодексот за етичко однесување. Во него стои дека владините функционери во извршувањето на своите службени задачи треба исклучиво да се водат од јавниот интерес и доверените ресурси да ги користат исклучиво за службени цели и не смеат да ја искористат својата функција за стекнување на лична корист или корист на политичка партија.

– Во предметите во кои има индиции дека носителите на извршни функции во своето работење не обезбедуваат законито, чесно, транспарентно и одговорно работење и не го почитуваат Кодексот, ДКСК до Владата доставува укажување за преземање мерки, уредени во Кодексот, согласно со кој во случај на непочитување на одредбите од Кодексот, покрај вербално и писмено укажување од страна на Владата, претседателот на Владата може да побара и политичка одговорност од носителот на извршна функција, односно барање за поднесување на оставка или предлог за негово разрешување, објаснуваат за ВЕЧЕР од ДКСК.

Политичките аналитичари велат дека Изборниот законик не е прецизен по однос на ова прашање, па политичките партии го користат летото за предизборна кампања под параванот на сработеното. Од ова се заклучува дека граѓанските пари се ставени во функција на предизборен политички маркетинг. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ