На 28 јуни, во Македонската филхармонија! Мотото на Јапонецот е дека љубовта кон една земја, нејзината култура и нејзините луѓе најсилно се слуша и доживува преку музиката, а во таа специјална вечер – и преку македонските песни: „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Јовано, Јованке“, „Ако умрам ил загинам“…
В сабота, на 28 јуни, македонската публика ќе ја има ексклузивната можност, во Македонската филхармонија (во малата сала), да присуствува на еден редок концерт насловен „Јапонското срце бие во македонски ритам“ (во организација на компанијата „Термалифт“ од Куманово).
Станува збор за музички настан што ќе го отслика длабокото пријателство меѓу Македонија и Јапонија. На сцената на Македонската филхармонија ќе настапи јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, познат по својата исклучителна посветеност на македонските музика и култура. Со него на сцената ќе биде и Елена Васова, млада и талентирана македонска сопранистка.Мотото на Јапонецот е дека љубовта кон една земја, нејзината култура и нејзините луѓе најсилно се слуша и доживува преку музиката. Во таа специјална вечер, Котецу ќе ги испее песните: „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“, „Ако умрам ил загинам“, но и некои други, кои ќе бидат ново, пријатно изненадување за македонската публика. Внимателно избрани песни, кои ќе ја истакнат поврзаноста меѓу македонската и јапонската култура и воопшто, меѓу двата народа.
– Овој концерт ги рефлектира моите длабока љубов и благодарност кон Македонија – вели со особена радост распеаниот Котецу.
Тој, преку драгите спомени, се навраќа на почетоците, објаснувајќи ја и мотивацијата за концертот:
– Сè започна кога првпат, во 2013 година, ја отпеав „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“. Тогаш не знаев дека ќе ми остане срцето тука, во Македонија. Со текот на времето, македонските песни станаа дел од мене. Сакам да ја пренесам таа љубов преку музиката и да придонесам за уште посилна врска меѓу Македонците и Јапонците.
На овој концерт, „Јапонското срце бие во македонски ритам“, ќе учествуваат јапонскиот женски хор „Tomoni Utao“ во пијано-придружба на Акико Каназава, македонскиот мешан хор „Про арс“ под диригентство на Сашо Татарчевски и специјалните гости: пијанистот Иван Трајковски и јапонската сопранистка Чихиро Суганума.
– Во иднина, сакам многу повеќе да бидам присутен во Македонија, да ја прошетам оваа убава земја. За да ги запознавам луѓето и за да ја доживеам вашата величествена природа, вашата превкусна кујна. Би сакал да му се заблагодарам на мојот долгогодишен пријател Драган Дамјановски. Благодарение на неговата поддршка се случува концертот за кој долго мечтаев и за кој ќе се раскажува во медиумите во мојата татковина, Јапонија – вели симпатичниот Котецу. (Д. М.)