Украинската влада процени дека дури 90 проценти од руските ракети и беспилотни летала содржат јапонски компоненти, пишува „Њујорк тајмс“. Во срцето на оваа операција во Токио е тајна руска воена разузнавачка единица позната како 20-та Дирекција, а човекот што ја надгледува операцијата користи лажен идентитет како вработен во руската државна авиокомпанија „Аерофлот“
Кратко време откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, западните лидери протераа стотици руски шпиони од нивните главни градови и ставија на црната листа компании поврзани со Кремљ. Но, според официјални лица, десетици од тие протерани шпиони во меѓувреме се појавиле на неочекувано место – во Јапонија, која поради слабите закони за шпионажа и напредната технолошка инсустрија, стана клучна алка во воените напори на Русија. Украинската влада процени дека дури 90 проценти од руските ракети и беспилотни летала содржат јапонски компоненти, пишува „Њујорк тајмс“.
Во срцето на оваа операција во Токио е тајна руска воена разузнавачка единица позната како 20-та Дирекција, чија улога никогаш не е објавена. Нејзините службеници, претставувајќи се како дипломати или бизнисмени, работат на купување или кражба на воена технологија и нејзино шверцување во Русија, сугерираат сегашни и поранешни службеници на пет западни разузнавачки агенции. Човекот што ја надгледува операцијата во Токио користи лажен идентитет како вработен во руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ и игра клучна улога во снабдувањето на руската воена машина. Познато е дека офицерите на ГРУ ги користат работните места во оваа компанија како параван уште од советската ера.
Четири години по почетокот на војната, Русија преживува делумно благодарение на постојаниот пристап до технологиите што ги набавува од Јапонија. Таа земја долго време е позната како засолниште за шпиони, делумно поради ограничувањата наметнати по Втората светска војна. Јапонското Министерство за надворешни работи не одговорило на деталните прашања за шпионажата поставени од весникот, но рекло дека соработува со западните сојузници за забрана на извозот на воени производи во Русија. Сепак, се чини дека руските шпиони работат пред носот на јапонските власти. Канцеларијата на „Аерофлот“ во Токио е само на 10 минути пешачење од седиштето на Националната полициска агенција. Оттаму, од 22-риот кат, службеникот на 20-тата администрација ја спроведува својата смртоносна операција. Неговото име е Максим Владимирович Филченков.
Кога овој 49 – годишен човек ја презеде функцијата во Токио во февруари 2024 година, Русија имаше итна потреба од високотехнолошки компоненти, зашто војната во Украина се движеше од артилериски битки кон војна со беспилотни летала, а Украинците добиваа технолошка предност. За да остане во игра, на Русија ѝ беше потребна нова технологија. Тука на сцената влегува Филченков, искусен офицер на руската воена разузнавачка агенција ГРУ. Со еден мандат зад себе во Јапонија, тој ја имаше стручноста да ја пронајде потребната опрема. Тој почна да развива односи со логистички компании што транспортираат стока од Јапонија до Русија.
Иако на „Аерофлот“ не му е целосно забрането да работи во Јапонија, компанијата е практично приземјена бидејќи не може да ги добие деловите и услугите што ѝ се потребни. Сепак, нејзините официјални партнери остануваат активни. Еден од нив, „Проко ер“, се рекламира како „мост меѓу Јапонија и Русија“. Компанијата изнајмува товарен простор во авиони што летаат до земји каде што „Аерофлот“ сè уште работи, како што се Шри Ланка или Узбекистан, од каде „Аерофлот“ го зема товарот и го транспортира во Русија, во што нема ништо нелегално. Странските влади постојано ја предупредуваа Јапонија дека нејзината технологија се шверцува во Русија.
Само во април 2025 година, Украина испрати најмалку осум официјални дипломатски ноти до Министерството за надворешни работи на Јапонија, во кои детаљно се наведени докази за јапонски компоненти во руското оружје и уште осум годинава. Писмата содржеа списоци и фотографии од пронајдените компоненти, вклучувајќи печатени плочи, предаватели и полупроводници.
Едно од писмата што ги видоа новинарите вели дека јапонски компоненти се пронајдени во балистички ракети. Украина достави списоци на компоненти произведени од некои од најголемите јапонски компании: „Нипон Електрик Корпорејшн“, „Панасоник“, „Тошиба“ и други, но нема докази дека тие свесно ги продавале своите производи на Русија. Сите компании негираа какво било кривично дело. Јапонското министерство за економија соопшти дека издало предупредувања до компаниите и ставило на црна листа десетици странски субјекти за кои се сомнева дека ѝ помагаат на Русија.












