
Откако почна војната во февруари, голем број европски земји привремено го обвинија Иран дека стои зад бранот палења и други напади, вклучувајќи најмалку пет напади во Обединетото Кралство за една недела. Европските безбедносни претставници велат дека се загрижени дека Техеран подоцна би можел да се одмазди за атентатите врз високи ирански лидери, вклучувајќи го и ајатолахот Али Хамнеи, целејќи кон некој западен лидер или воена цел. За иранските лидери, одмаздата е исто толку религиозна обврска колку што е и емоционална реакција
Кога се зацврстуваше кревкото примирје во американско-израелската војна против Иран, во средината на април, амбасадата на Техеран во Лондон објави порака за регрутирање на „Телеграм“. Со неа, Иранците што живеат во Велика Британија беа повикани да кликнат на линкот и да се приклучат на кампањата, наречена „жртва за татковината“. Повикани се „сите горди синови и ќерки на Иран да покажат единство“.
Британската влада, како што пишува „Фајненшал тајмс“, потоа го повикала иранскиот амбасадор и му рекла дека тие дејства и коментари се целосно неприфатливи. Тој дипломатски разменет сигнал беше само еден показател за длабоката загриженост што западните влади ја имаат за иранските оперативци што работат на нивна територија, наведува весникот. Откако почна војната во февруари, голем број европски земји привремено го обвинија Иран дека стои зад бранот палења и други напади, вклучувајќи најмалку пет напади во Обединетото Кралство за една недела. Европските безбедносни претставници велат дека се загрижени дека Техеран подоцна би можел да се одмазди за атентатите врз високи ирански лидери, вклучувајќи го и ајатолахот Али Хамнеи, целејќи кон некој западен лидер или воена цел.
– Во согласност со нивната доктрина, тие инвестираа многу во асиметрични капацитети и можности во странство. Но, ќе ги чуваат во резерва. За иранските лидери, одмаздата е исто толку религиозна обврска колку што е и емоционална реакција, рече Џон Рејн, поранешен висок британски функционер за национална безбедност, кој е сега виш советник во Меѓународниот институт за стратешки студии, додавајќи дека тие активности би се случувале во посебна временска рамка по војната, зашто „тоа е јадење што се служи ладно“.
Кон крајот на минатата година, сер Кен Меколум, шеф на британската служба за внатрешна безбедност МИ5, посочи на „бран иранска транснационална агресија“, вклучувајќи ги и осуетените заговори за атентат во Австралија, Шпанија и Холандија. Тој во октомври рече дека МИ5 проследила повеќе од 20 потенцијално смртоносни заговори поддржани од Иран само во 2025 година. Оваа недела, пак, Заедничкиот центар за анализа на тероризмот на британската влада, кој е дел од МИ5, го зголеми нивото на национална закана од тероризам од „значајно“ на „сериозно“, откако двајца Евреи беа избодени во Лондон, иако властите досега не го поврзаа нападот со Иран.
И покрај репутацијата за суровост, Исламската Република имаше тешкотии во спроведувањето сложени операции со големо влијание на западно тло. Таа во голема мера се потпираше на криминални банди, изнајмени оперативци и посреднички мрежи ангажирани преку интернет. Еден поранешен европски безбедносен службеник рече: „Структурата е слоевита: некој во Иран разговара со посредник, да речеме во Романија или Чеченија, и тоа лице потоа ги насочува оперативците во целната земја. Ова создава дистанца и можност за веродостојно негирање“, наведува „Фајненшал тајмс“. Друг европски безбедносен функционер посочува дека специјалните операции на Иран биле поделени во две одделни единици. Одделот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, кој Мосад го нарекува „Единица 400“, спроведува операции исклучиво против ирански цели. Одделот за специјални операции на силите Кудс, кој Мосад го нарекува Единица 840, стана целосно оперативен во 2012 година и извршува киднапирања и атентати на странски државјани. Некои оперативци кои работат за Техеран во странство биле обучени од Иранци, иако тие самите не се нужно Иранци, туку се претежно луѓе кои се идеолошки наклонети кон Исламската Република.
– Вие не сте само непријател на државата; вие сте непријател на идеологијата. И нема морално двоумење од нивна страна кога станува збор за убивање такви луѓе, вели безбедносниот функционер.











