Израелската војска вечерва потврди дека го идентификувала телото на Мохамед Синвар, лидерот на палестинското движење Хамас во Појасот Газа, кој беше убиен на 13 мај во напад на палестинската територија, каде што Израел е во војна со движењето.
„По процесот на идентификација, сега е потврдено дека телото на Мохамед Синвар е пронајдено во подземен тунел под Европската болница во Кан Јунис“ и „било елиминирано на 13 мај“, соопшти војската.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја објави неговата смрт на 28 мај.
Мохамед Синвар беше брат на Јахја Синвар, поранешниот врховен лидер на Хамас, кој беше убиен од израелската армија во октомври 2024 година во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Јахја Синвар се смета за главен архитект на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Според експертите за исламистичкото движење, Мохамед Синвар го предводел вооруженото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам.