Италија планира да распореди радари на Балканот за да ги заштити тие земји, како и самата Италија, изјави во средата министерот за одбрана Гвидо Крозето, пренесува агенцијата АНСА.
„Ја преземаме командата над мисијата КФОР предводена од НАТО, под водство на генералот Роберто Вергори, и тоа го правиме со посветеност што ќе опстои и додека КФОР ги намалува своите операции на Косово, бидејќи за нас Балканот е од суштинско значење за нашата безбедност“, рече Крозето на маргините на церемонијата за примопредавање на командата на мисијата КФОР во Приштина.
„Обезбедувањето на Балканот – со поглед кон иднината и потенцијалното распоредување радари кои би ни овозможиле да ги браниме тие земји, како и нашата, од закани – е од витално значење“, додаде тоj.
„Ако се земе предвид дека ракетите што ги погодија аеродромите во Саудиска Арабија беа изработени од Хутите, а не од висококвалификувани инженери, а сепак достигнаа брзина од 8.500 километри на час, почнувате да ги сфаќате заканите со кои ќе се соочат сите нации во иднина. Ова ја истакнува важноста од одржување присуство во пријателски соседни земји за да се воспостави заеднички одбранбен штит способен превентивно да одговори на таквите закани“, заклучи Крозето.












