четврток, октомври 15, 2026
Дома МАГАЗИН „Покривот на Европа“ се понизок – изгуби 1,29 метри за една година!

„Покривот на Европа“ се понизок – изгуби 1,29 метри за една година!

0

Највисокиот врв во Европа, Мон Блан во Франција, изгубил повеќе од еден метар во висина во текот на изминатата година, според најновите податоци од геодетите во департманот Горна Савоја. Нивните мерења покажуваат дека врвот сега е висок 4.807,47 метри – што е за 1,29 метри помалку отколку во 2025 година – пренесува „Гардијан“.

Самиот карпест врв на планината е висок околу 4.792 метри, додека измерената висина на врвот варира во зависност од температурата, ветерот и врнежите, кои влијаат на дебелината на снежната и ледената покривка.

Иако Мон Блан е понизок од минатата година, измерената висина е за 1,88 метри поголема отколку во 2023 година, кога беше забележана неговата најниска висина во поновата историја. Во споредба со рекордните 4.810,90 метри измерени во 2007 година, врвот е понизок за 3,43 метри.

Геодетите од Националниот сојуз на овластени геодети (UNGE) и Комората на овластени геодети – кои ја следат планината уште од 2001 година – користеа прецизна сателитска технологија и дронови за да го измерат врвот и да создадат детален модел на снежната и ледената покривка.

Сепак, експертите предупредуваат дека годишните промени во висината не треба директно да се поврзуваат со губењето на алпскиот мраз предизвикано од климатските промени. Како што објаснуваат, промената на висината на површината не мора да значи и промена на вкупниот волумен или маса на мразот.

„Зголемувањето на висината на врвот не мора да значи дека планината добила ледена маса, ниту пак е во спротивност со документираното повлекување на алпските глечери“, изјави портпаролот на UNGE.

Климатските промени имаат видливи последици врз алпските предели. Западна Европа оваа година го забележа најжешкото лето досега, што дополнително го забрза топењето на мразот.

Швајцарските глациолози претходно овој месец предупредија на нагло забрзување на топењето, откако утврдија дека Швајцарија изгубила една петтина од својата ледена маса во изминатите пет години. Само во периодот меѓу 2025 и 2026 година, загубата изнесувала 5,5 проценти од вкупниот волумен на мраз. Жан де Гаре, претседател на Комората на овластени геодети во департманот Горна Савоја и водач на експедицијата на Мон Блан, изјави дека последиците од затоплувањето се видливи низ целите Алпи, иако напомена дека климатските промени сè уште немаат исто влијание на надморски височини над 4.000 метри.

Како пример, тој го наведе повлекувањето на глечерот Тет-Рус, каде што на одредени места, наместо преку мраз, сега се минува преку поток.

„Глечерот буквално се стопи пред нашите очи“, изјави Де Гаре за француската телевизија ТФ1.

ИЗДВОЕНИ