Истрагата на германската полиција откри дека пилотот на патнички авион, кој летал од Грција кон Германија, по грешка испратил меѓународен сигнал за киднапирање додека прелетувал над Хрватска, наместо кодот за дефект на радио-комуникацијата.
Поради безбедносното предупредување, авионот бил пресретнат од хрватски и германски борбени авиони, додека на аеродромот во Нирнберг биле распоредени специјални полициски единици.
Истрагата покажа дека пилотот на „Боинг 737-800“ – кој во вторникот летал од Крф (Грција) кон Нирнберг (Германија) – имал намера да пријави дефект на радио врската, но по грешка го внел кодот на транспондерот „7500“, кој укажува на можно киднапирање, соопшти германската полиција.
Портпаролот на полицијата, Михаел Пецолд, изјави дека радио-опремата на авионот била неисправна, што ја оневозможило контролата на летање да воспостави контакт со екипажот по полетувањето од Крф.
Пилотот веројатно не бил свесен за грешката, а полицијата не води истрага против него, бидејќи се смета дека погрешниот код бил внесен ненамерно.
Откако авионот емитуваше сигнал што укажуваше на можно киднапирање, НАТО нареди итно пресретнување поради безбедносната закана. Хрватски борбен авион „Рафал“ пресретна малтешки патнички авион над Кореница. Пилотот на борбениот авион визуелно го идентификуваше леталото.
Потоа, „Рафал“-от продолжи да го придружува патничкиот авион над областа меѓу Риека и Делнице, сè додека тој не навлезе во словенечкиот воздушен простор во 11:20 часот.
Во состојба на подготвеност беа и авиони на австриските вооружени сили, додека два германски авиона „Еурофајтер“ ја презедоа придружбата откако патничкиот авион навлезе во германскиот воздушен простор.
Патничкиот авион безбедно слета во Нирнберг околу 12:16 часот.
Поради сигналот што укажуваше на можно киднапирање, на аеродромот во Нирнберг беа испратени полициски преговарачи обучени за комуникација со киднапери, како и специјална единица на баварската полиција.
Воздушниот сообраќај беше привремено запрен, а по слетувањето, полицијата го прегледа леталото и утврди дека нема опасност.
Пецолд изјави дека службите за итни интервенции имале на располагање помалку од еден час за реакција, во периодот меѓу испраќањето на сигналот и слетувањето на авионот.
„Тоа беше исклучително добро спроведена операција“, оцени Пецолд, нагласувајќи дека полицијата била подготвена за најлошото можно сценарио иако имала многу малку време за подготовка.
Што значи кодот „7500“
Транспондерот е уред што авионот го користи за пренос на податоци неопходни за радарска идентификација и следење на летот.
Кодот „7500“ е меѓународно договорен сигнал што летачкиот екипаж го користи за да ја предупреди контролата на летање за можно киднапирање или незаконско преземање на контролата врз авионот. Кодот „7600“ се користи за пријавување прекин во радиокомуникацијата, а пилотот требало да го внесе токму тој код.
Откако ќе се испрати сигналот за киднапирање, тој не може да се повлече.












