Тимот на Ред Бул донесе интересна одлука за време на Големата награда на Азербејџан, кога не му нареди на Макс Верстапен да го пропушти својот колега Исак Хаџар, иако Французинот во еден момент изгледаше значително побрзо.
Верстапен стартуваше од осмото место, откако имаше проблеми со погонската единица во квалификациите, но одлично ја започна трката и до шестиот круг стигна до третата позиција.
Притоа, четирикратниот светски шампион го претекна и Хаџар, кој возеше на меки гуми. Сепак, на болидот на Верстапен брзо почнаа да се трошат гумите со средна тврдост.
Хаџар неколкупати преку радио праша дали Верстапен има проблеми, бидејќи сметаше дека е побрз, но Ред Бул реши да не го менува редоследот на своите возачи.
Шефот на тимот, Лоран Мекис, откри дека причината била стратегијата што ја подготвувале за продолжението на трката. Ред Бул очекувал безбедносно возило, по што Верстапен би можел да влезе во бокс и да премине на помеки гуми со минимална загуба.
- Ги разгледавме сите опции и одлучивме да ги задржиме болидите во тековниот редослед. Сметавме дека тоа е нашата најдобра шанса да ги нападнеме Пјастри и Расел, објасни Мекис.
Тој додаде дека во Баку е исклучително тешко да се направи стратегија без да се земе предвид можноста за безбедносно возило.
- Макс имаше тешкотии со гумите со средна тврдост и знаевме дека ќе имаме поголеми шанси со меките гуми. На крајот, токму тоа и се случи, порача шефот на Ред Бул.
Стратегијата на австрискиот тим на крајот се покажа како успешна, бидејќи безбедносното возило излегуваше на патеката дури двапати.
Верстапен ја заврши трката на второто место, веднаш зад Џорџ Расел, а разликата меѓу нив на целта изнесуваше само 0,196 секунди.
Хаџар, пак, заврши на третата позиција и по вторпат сезонава се искачи на подиумот.
Така, одлуката на Ред Бул да не го менува редоследот меѓу своите возачи на крајот се покажа како клучен дел од стратегијата која му донесе двоен успех на тимот.











