Ирак им дозволи на иранските авиокомпании да вршат до 40 летови дневно до и од Меѓународниот аеродром во Наџаф.
Договорот, објавен во петокот, не се однесува на „Махан ер“, откако американската страна побара таа компанија да биде изземена. Шефот на ирачката Управа за цивилно воздухопловство, Али ал-Заиди, позитивно ја оцени реакцијата на американската влада на напорите на Ирак. Тој исто така ја истакна нејзината соработка при одобрувањето на споменатото изземање, пренесе „Ал Арабија“.
Според него, оваа мерка ќе го олесни патувањето, особено за пациентите, верските поклоници и туристите. „Воздушниот сообраќај не е само превоз меѓу два аеродрома, туку мост на комуникација меѓу луѓето“, рече Ал-Заиди.
Тој додаде дека Ирак гради надворешни односи врз основа на интересите на својот народ и се стреми кон избалансирани и позитивни односи со различни земји.
Одлуката беше објавена еден ден откако Иран побара од Ирак да ги укине ограничувањата за летовите меѓу двете земји. Од Техеран изјавија дека овие мерки создаваат тешкотии за аџиите, пациентите, студентите и деловните луѓе. Властите во Техеран ги посочија американските санкции како причина за ограничувањата и побараа од Багдад да преземе чекори за воспоставување редовни воздушни врски.
„Махан ер“ е приватна иранска авиокомпанија која е под американски санкции од 2011 година. Министерството за финансии на САД воведе санкции за компанијата поради наводно обезбедување финансиска, материјална и технолошка поддршка за иранскиот Корпус на чуварите на исламската револуција, односно за неговата единица „Кудс“.











