Силниот пораст на градежништвото од 14,6 % во четвртиот квартал и 21 % во третиот квартал од 2025 година испраќа силен сигнал за стопанството, носи поголема сигурност и претставува поттик за нови инвестиции што ќе придонесат за понатамошен пораст на БДП, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Говорејќи на панел-дискусијата „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, Николоски посочи дека континуираниот пораст на градежниот сектор е резултат на три клучни фактори: инвестициите на државата во крупни капитални проекти, вложувањата во инфраструктура на локално ниво и инвестициите што ги реализира приватниот сектор.

– Првиот фактор е приватниот сектор, кој се охрабри да инвестира, особено со поволните каматни стапки што ги доби преку кредитната линија обезбедена во соработка со Унгарија. Вториот фактор е задвижувањето на општините, кои со дотации од Владата, но и со сопствени средства, реализираат голем број инфраструктурни проекти што имаат значење за развојот на локалната економија и за малите и средни претпријатија. Третиот фактор се големите инфраструктурни проекти – истакна Николоски.

Тој нагласи дека, во моментов, се реализираат повеќе значајни инфраструктурни зафати низ државата. Меѓу нив е изградбата на автопатот Охрид – Кичево, проект кој, како што посочи, бил запоставен долго време.

– Во втората половина на 2024 година ги правевме подготовките, во текот на 2025 година интензивно се работеше и веќе се изградени 37 километри, од кои 34 километри се во функција. Останува оваа година да се изградат уште 21 километар – рече Николоски.

Покрај овој проект, во тек е и реализацијата на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп –Битола. Иако договорот за нивната изградба бил потпишан во 2023 година, според Николоски, нивната реализација започнала со доаѓањето на актуелната влада.

– Имаме околу 50 проценти прогрес во пробивање на трасата на трите автопати – посочи тој.

Дополнително, започната е изградбата на првата линија од Градскиот воз, која ќе ја поврзува Општина Зелениково со центарот на Скопје. Иако станува збор за инвестиција вредна околу шест милиони евра, Николоски смета дека проектот има пошироко значење бидејќи ќе придонесе за развој на железничкиот сектор и за поттикнување нови инвестиции.

Според него, токму ваквите капитални инвестиции се главниот двигател на двоцифрениот пораст на градежниот сектор, а очекувањата се позитивниот тренд да продолжи и во текот на оваа година, со нови инфраструктурни зафати и зголемен интерес за инвестирање во градежништвото.

ИЗДВОЕНИ