Во Кавадарци продолжува засилената теренска операција на депонијата „Мелци“, каде што со максимално ангажирање на опрема и човечки ресурси се работи на целосно нормализирање на состојбата.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, информира дека на терен се работи интензивно и без прекин, со цел целосно да се стави депонијата под контрола и да се прекине чадењето. Екипите ќе останат на терен сè додека не биде изгаснат и последниот жар и не се создадат услови пожарот целосно да биде ставен под контрола, информираше Јанчев.
Според Јанчев, досегашните сознанија и начинот на кој избувнал пожарот укажуваат на сериозни индиции дека тој можеби бил подметнат. Тој побара надлежните институции целосно да го истражат случајот и да ги утврдат одговорните.
„Оние кои намерно го загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните, мора да одговараат“, порача Јанчев.
Поради пожарот, синоќа беше одржана итна седница на Кризниот штаб, со кој раководеше градоначалникот. На состанокот присуствувале претставници од Советот на Општината, ОВР Кавадарци, ТППЕ Кавадарци, ЈП „Комуналец“, „Мој општинар“ и општествено одговорни компании.
На седницата било заклучено интервенцијата да продолжи, при што дополнителна поддршка ќе обезбедат приватни компании од Кавадарци со сопствена механизација. Акцијата на терен ја координираат ТППЕ Кавадарци и ЈП „Комуналец“.
Кризниот штаб продолжува непрекинато да ја следи состојбата на депонијата и текот на интервенцијата.












