Светските цени на храната во август вторпат по ред забележаа раст и достигнаа највисоко ниво од ноември 2022 година. Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), забележано е поскапување кај сите главни категории земјоделски производи.
Индексот на цените на храната на ФАО (FFPI), кој ги следи месечните промени на цените на основните земјоделски производи на светските пазари, во август достигна 133,3 поени, што е зголемување од 1,9 отсто во однос на јули.
Најголем раст има кај шеќерот, чија цена се зголемила за 11,9 отсто, достигнувајќи 106,4 поени, што е највисоко ниво од јуни 2025 година.
Од ФАО посочуваат дека зголемената загриженост околу глобалната понуда на шеќер во сезоната 2026/2027 дополнително влијае врз цените. Продолженото топло и суво време ги намали очекувањата за приносите на шеќерната репка во Европската Унија, додека временските услови поврзани со феноменот Ел Нињо влијаат врз производството во клучните земји производители во Азија.
Раст е забележан и кај млечните производи, чии цени се зголемиле за 2,3 отсто, на 119,2 поени, главно поради поскапувањето на млекото во прав и сирењето.
Цените на житарките се зголемиле за 2,2 отсто, достигнувајќи 116,3 поени – највисоко ниво од мај 2024 година. Раст е забележан кај сите главни житарки, поттикнат од силната побарувачка, загриженоста поради временските услови во клучните производни региони и неизвесноста околу извозот преку Црното Море.
Во август, цената на пченицата се зголемила за 2,6 отсто, на пченката за 2,5 отсто, а на јачменот за 2,6 отсто.












