Иако печките летово мируваат, воздухот не мирува. Пожарите што со недели јарат низ земјава оставаат чад зад себе, а мерните станици во повеќе градови бележат надминувања на дозволените вредности на ПМ 10. Кичево со 58 и Лисиче со 53 надминувања се меѓу најзагадените мерни места, додека над дозволената граница се и Центар, Кавадарци, Велес, Ректорат и Тетово. Бројките покажуваат дека ПМ 10 не е само зимска мака – и во лето воздухот знае да „удри“ по нос
Иако е лето и нема ложење на печките за затоплување, сепак пожарите што ги има на територијата на државата, особено во текот на целиот август, а еве продолжуваат и во септември, мерните станици на Државниот мониторинг- систем за квалитетот на воздухот, во одредени градови, односно општини во градот Скопје, покажале надминување на граничните вредности на ПМ 10-честичките.
Од бројките што ги има објавено Државниот мониторинг- систем, не треба човек да биде научник за да сфати дека нешто не е во ред со воздухот. Доволно е да погледне во официјалните бројки за ПМ 10 – и сликата е прилично јасна: на повеќе мерни места во земјава границата од 50 микрограми на кубен метар е одамна пробиена.
Според податоците на Министерството за животна средина, дозволени се најмногу 35 надминувања на дневната гранична вредност за ПМ 10 во една година. Но, на дел од мерните станици бројката веќе е далеку над тоа. Најцрно на табелата стои Кичево, каде што се регистрирани дури 58 надминувања. Тоа се 23 повеќе од дозволеното. Последното надминување е забележано на 29 август, кога измерената концентрација била 69,5 микрограми на кубен метар.
Скопско Лисиче, исто така, не може да се пофали со чист воздух. Таму се регистрирани 53 надминувања, односно 18 над дозволената граница. Особено загрижува тоа што сите 53 надминувања се наталожиле уште во првите три месеци од годината – 22 во јануари, 15 во февруари и 16 во март. Со други зборови, додека календарот уште не стигнал ни до пролет, Лисиче веќе ја „потрошило“ целата дозволена квота за цела година.
Слична е приказната и во Центар, каде што има 46 надминувања. Во јануари биле регистрирани 21, во февруари 11, а во март уште 14. Кавадарци, Велес и Тетово, исто така, се над црвената линија. Кавадарци има 42 надминувања, седум повеќе од дозволеното. Во Велес 2, Ректорат и Тетово се регистрирани по 36 надминувања. Тоа значи дека и овие мерни места ја минале границата од 35. Кај другите станици, бројките се под дозволениот максимум, но некои се опасно блиску. Битола 2 има 33, а Гостивар 30.
Кога ќе се погледнат месечните бројки, една работа веднаш паѓа в очи: најголемиот дел од надминувањата се случиле во јануари, февруари и во март. Кичево, на пример, во тие три месеци собрало дури 56 надминувања. Лисиче ги собрало сите 53, Центар сите 46, а Кавадарци сите 42.
Но, тоа што дошло летото не значи дека воздухот насекаде станал идеален. Во август, повторно се појавуваат надминувања. Во Карпош се регистрирани пет, во Кичево две, во Охрид три, во Лазарополе три, во Тетово две, а надминувања има и во Гостивар и во Прилеп. Карпош, на пример, последното надминување го имал на 30 август, со измерени 53,3 микрограми на кубен метар.
Бројките се само дел од приказната дека воздухот не прашува дали е зима или лето, но се доволни за да покажат дека проблемот со ПМ 10 не е нешто што исчезнува со првото сонце. Во зима, проблемот е очигледно многу поизразен, но надминувања има и во летните месеци.
За оние што не знаат што ги создава ПМ 10-честичките, треба да се каже дека тоа се многу ситни честички во воздухот, со дијаметар до 10 микрометри, составени од прашина, саѓи, минерали, сулфати, нитрати и од други материи. Или појасно кажано, ПМ 10 е мешавина од чад и прашина што ја дишеме.
Инаку, на територијата на државата бројот на пожари на отворен простор не се намалува.
(С. Бл.)












