петок, септември 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Фер туризмот започнува со пријавен доход

Фер туризмот започнува со пријавен доход

0

Како да се пријави доходот, кои се обврските за сезонските работници и што треба да знаат оние што нудат туристички услуги, овие прашања беа во фокусот на средбата на Управата за јавни приходи со туристичкиот сектор во Струга. Средбата е дел од кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, чија цел е навремено информирање и поддршка на даночните обврзници.

На средбата беа презентирани обврските за пријавување на доходот од издавање апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, вклучително и краткорочното издавање за туристички цели. Беа дадени и практични насоки за пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за пресметување на данокот на личен доход и признаените трошоци.

Особено внимание им беше посветено на сезонското и на повременото ангажирање работници. Работодавците беа информирани за обврската работниот ангажман да биде формализиран и пријавен согласно со Законот за работно ангажирање лица, како и за обезбедување на потребните е-ПДД и МПИН-пресметки.

Беа опфатени и дејностите од времен карактер, како изнајмување кајчиња, педалинки, СУП-штици, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, како и продажба на сувенири, ракотворби, накит и уметнички предмети. Физичките лица што остваруваат ваков доход имаат обврска да го пријават и да го платат данокот на личен доход, а пред започнување со дејноста, да поднесат барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – образец ДЛД-П.

Од УЈП истакнаа дека ваквите средби се дел од континуираните активности за информирање и поддршка на даночните обврзници, со цел навремено и доброволно исполнување на законските обврски.

Пријавувањето на доходот и редовното плаќање на даноците создаваат еднакви услови за сите, ги намалуваат сивата економија и нелојалната конкуренција и придонесуваат за поуреден и поконкурентен туристички сектор.

– Со кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, продолжуваме да бидеме директно присутни меѓу туристичките работници и да им обезбедиме поддршка за правилно даночно усогласување – истакнаа од Управата за јавни приходи.

 

 

ИЗДВОЕНИ