сабота, јули 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Има работа, но нема кој да работи

Има работа, но нема кој да работи

74

Македонскиот пазар на труд и натаму се соочува со парадоксална состојба – од една страна има преку 10.000 слободни работни места, а од друга страна, десетици илјади лица се водат како невработени. Најголем дел од потребите на работодавачите се концентрирани во услужните дејности, продажбата, угостителството и преработувачката индустрија, односно во секторите каде што платите се пониски, а условите за работа потешки.

Во првото тримесечје од 2026 година биле регистрирани 10.247 слободни работни места, што претставува стапка од 2,07 проценти. Во исто време, во земјата има преку 484 илјади пополнети работни позиции, што укажува на релативно стабилен пазар на труд.

Најголем недостиг од работници има во секторот сместување и послужување храна, каде што стапката на слободни работни места достигнува речиси пет проценти. Висока побарувачка има и во административните и помошните услужни дејности. Според занимањата, најмногу се бараат работници во услужни дејности и продажба, каде што се евидентирани повеќе од 2.300 слободни позиции. Следуваат преработувачката индустрија и трговијата на големо и мало, со повеќе од 2.000 слободни работни места.

Од друга страна, најдобро платените сектори не бележат толку голем недостиг на кадар. Иако во телекомуникациите и компјутерското програмирање има преку 400 слободни позиции, најголемиот дел од високоплатените работни места се веќе пополнети.

ИТ-индустријата и понатаму останува лидер според висината на примањата. Просечната нето-плата во секторот во март достигнала 115.557 денари, што е повеќе од двојно над државниот просек. Во меѓувреме, просечната нето-плата во Македонија во март изнесувала 48.433 денари. Високи примања се бележат и во телекомуникациите, транспортот, воздухопловниот сообраќај и фармацевтската индустрија, каде што платите најчесто се движат меѓу 67.000 и 76.000 денари.

Статистиката покажува дека во државата има 707.385 вработени и 90.499 невработени лица, додека неформалната вработеност бележи пораст од 4,3 проценти во споредба со претходниот квартал. Најголем дел од неформално вработените работат во земјоделството и градежништвото.

Експертите оценуваат дека бројот на слободни работни места потврдува континуирана потреба од работна сила, но и дека недостигот најсилно се чувствува во секторите каде што платите се пониски, можностите за напредување се ограничени, а условите за работа се потешки.

ИЗДВОЕНИ