понеделник, јули 6, 2026
Дома СПОРТ ОСТАНАТИ СПОРТОВИ И покрај протестите на играчите: „Ролан Гарос“ не го менува наградниот фонд...

И покрај протестите на играчите: „Ролан Гарос“ не го менува наградниот фонд за годинава

223

Организаторите на вториот тениски Гренд Слем турнир во сезоната, „Ролан Гарос,“ нема да го менуваат наградниот фонд за оваа година, и покрај фактот што најдобрите светски тенисерки протестираа барајќи поголем дел.

Ова го изјави директорката на турнирот Амели Моресмо.

Тие ги критикуваа организаторите за намалување на уделот на приходите на наводни 14,3 проценти, во споредба со 22 проценти на стандардните АТП и ВТА турнири.
За да го изразат своето незадоволство, многу учесници на „Ролан Гарос“ планираат да ги ограничат своите разговори со медиумите на 15 минути за време на медиумските активности планирани за петок.

Поранешната шампионка на „Австралија Опен„ и „Вимблдон„, Моресмо, изјави дека сè уште е за дијалог и е уверена дека ќе се постигне решение.

Се очекува состанок помеѓу организаторите и претставниците на играчите да се одржи во петок.

На прашањето дали има можност за промена на наградниот фонд оваа година, Моресмо рече: „Не, нема да промениме ништо“.

„Ќе иницираме разговори и тоа е она што сите го сакаат“, додаде Моресмо.

Првата светска тенисерка Арина Сабаленка од Белорусија и бранителката на титулата Коко Гоф од САД се меѓу тенисерките кои поддржаа бојкот на Гренд слем турнирите доколку тенисерките не почнат да добиваат повеќе пари од турнирите.

„Ролан Гарос“ го зголеми наградниот фонд за околу 10 проценти, откако Отвореното првенство на САД го зголеми за 20 проценти минатата година, а Отвореното првенство на Австралија оваа година за 16 проценти.

Организаторите на претстојниот Ролан Гарос минатиот месец објавија дека наградниот фонд е зголемен за 10 проценти на 61,7 милиони евра, или 5,3 милиони евра повеќе од минатата година.

Сепак, тенисерките тврдат дека нивниот удел во приходите на Ролан Гарос се намалил од 15,5 проценти во 2024 година на 14,9 проценти оваа година.

Тие рекоа дека турнирот минатата година генерирал 395 милиони евра, што е зголемување од 14 проценти во споредба со претходната година, но дека наградниот фонд се зголемил само за 5,4 проценти, со што уделот на играчите во приходите се намалил на 14,3 проценти.

Шампионите во обете натпреварувања во поединечна конкуренција ќе добијат по 2,8 милиони евра, што е зголемување од 250.000 евра во споредба со минатата година.

„Не ви велам дека сè ќе се реши во еден миг. Но, разговорите ќе продолжат, веројатно по турнирот“, рече Моресмо.

Натпреварувањето на Ролан Гарос започнува во недела во Париз и трае до 7 јуни, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ