Претседателот Александар Вучиќ, зборувајќи за аферата предизвикана од убиството во белградскиот ресторан „27“ и апсењето на началникот на белградската полиција и неговиот поранешен советник Веселин Милиќ, изјави дека државата ќе се справи со „корумпираните полицајци“.
Вишото јавно обвинителство на Белград претходно објави дека денес е ископано буре на територијата на општина Инѓија во кое, како што се верува, се пронајдени останките на Александар Нешовиќ, кој беше убиен на 12 мај во белградскиот ресторан „27“, по што началникот на белградската полиција и уште 10 лица беа уапсени во аферата што во последните денови достигна високо политичко ниво.
Во интервју за Српската радиотелевизија, Вучиќ рече дека може да се претпостави со веројатност од 99,9 проценти дека телото на убиениот Нешовиќ е пронајдено во тоа буре, но дека ДНК експертизата сè уште треба да се направи.
Началникот на белградската полициска управа, Веселин Милиќ, поранешен советник на Вучиќ за борба против корупцијата и организираниот криминал, беше уапсен на 15 мај. Судот му изрече 30 дена притвор за неколку кривични дела, правно квалификувани како прикривање обид за убиство и спречување на расветлување на околностите на исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја на 12 мај, кого медиумите го поврзуваат со еден од белградските криминални кланови.
„Никој не е над законот и посилен од државата“, рече Вучиќ во интервјуто дадено вчера вечерта, истакнувајќи дека не може да потврди дека Нешовиќ е „убиен во присуство и соучество“ на началникот на белградската полиција.
„Ќе се справиме со корумпираните полицајци“, објави Вучиќ, тврдејќи дека „сите актери се уапсени“ во овој случај и дека истрагата „се води без прикривање“.
Тој го нарече убиството и начинот на кој телото било скриено „застрашувачки чин“, оценувајќи дека тоа е „извршено од чудовишта, а не од луѓе“, бидејќи убиениот човек „не е ниту академик, ниту некој без досие, но начинот на кој починал е застрашувачки“.
„Нашата реакција на ова ќе биде најжестока можна и ќе им го покажеме на сите чесното лице на полицијата… Не сакаме тајкунска полиција… тоа се 2-3 проценти од нив и целиот град знае дека тие се корумпирани полицајци. Нашите мерки ќе бидат жестоки“, нагласи Вучиќ.
Зборувајќи претходно за аферата, Вучиќ изјави дека тоа е „исклучително тежок случај“ за државата и најави донесување закони и санкционирање на полициски или армиски службеници кои ги штитат криминалците и тајкуните.
Уапсениот Веселин Милиќ беше началник на белградската полиција од 2013 до 2018 година, кога беше назначен за советник на српскиот претседател Александар Вучиќ за борба против корупцијата и организираниот криминал, а во тоа време беше и помошник-директор на полицијата.
Кон крајот на 2020 година, тој беше повторно назначен за началник на белградската полиција со одлука на тогашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин. Откако беше откриен скандалот, тој беше итно разрешен на 15 мај. Покрај Милиќ, во истрагата беа уапсени уште 10 лица, меѓу кои и четворица полицајци.












