
Русија вчера достави нуклеарно оружје во магацини во Белорусија и прикажа елементи од своите стратешки нуклеарни сили, во контекст на зголемените тензии со европските членки на НАТО поради војната во Украина и активностите на беспилотните летала во Балтикот, а претседателот Владимир Путин рече дека употребата на нуклеарно оружје е „последно средство“.
Москва спроведува една од најголемите нуклеарни вежби во последните години, во која учествуваат 64.000 луѓе за обука на силите за „подготовка и употреба на нуклеарни сили во случај на агресија“. Тридневните вежби, кои започнаа завчера низ Русија и Белорусија, ги вклучуваат Стратешките ракетни сили, Северната и Пацифичката флота, авијацијата со долг дострел и единици од Ленинградскиот и Централниот воен округ.
Како дел од вежбите, Русија прикажа подморница со балистички ракети од класата Бореј на нуклеарен погон, авион противподморници Ил-38, МиГ-31 вооружен со хиперсонична ракета Кинжал и интерконтинентални балистички ракети РС-24 Јарс.
Претседателот Владимир Путин рече дека употребата на нуклеарно оружје е „последно средство“, но ја нагласи важноста на одржувањето на нуклеарната тријада: копнени, морски и воздушни компоненти, како гарант на суверенитетот и стратешкото одвраќање.
Ракетна единица во Белорусија вежба прием на специјална муниција за мобилниот тактички ракетен систем Искандер-М, што вклучува полнење муниција на лансирни возила, соопшти Русија. Руските нуклеарни вежби обично користат лажни боеви глави.
Едно видео објавено од Министерството за одбрана покажува воен камион со церада што се движи со минимална безбедност, додека други покажуваат нуклеарни подморници, авиони и воени бродови. Вежбите се одржуваат во време кога Москва нагласува дека е во егзистенцијална борба со Западот околу Украина, пренесе „Хина“.











