четврток, октомври 15, 2026
Дома БАЛКАН Хрватска постави 8 услови за Црна Гора: Што сè бара Загреб за...

Хрватска постави 8 услови за Црна Гора: Што сè бара Загреб за затворање на поглавјата и членство во ЕУ?

1
Фото: ВИ

Хрватска достави документ до земјите-членки на Европската унија (ЕУ) во кој ја изнесува својата позиција за отворените прашања со Црна Гора и ги наведува условите што Подгорица мора да ги исполни пред да стане членка на европскиот блок.

Загреб директно ги поврзува некои од овие барања со затворањето на преговарачките поглавја 23 (Правосудство и основни права) и 31 (Надворешна, безбедносна и одбранбена политика).

Радио Слободна Европа (РСЕ) дознава од дипломатски извори во Брисел дека Хрватска го проследила документот до другите земји-членки претходно оваа недела.

Во документот, во кој РСЕ имаше увид, се наведува дека клучните отворени прашања „мора да се решат пред Црна Гора да пристапи кон Европската унија“. Загреб тврди дека опипливиот напредок е клучен за обезбедување широка јавна, политичка и парламентарна поддршка во Хрватска, вклучително и за ратификацијата на договорот за пристапување со Црна Гора.

Повеќето од барањата – шест од вкупно осум – се однесуваат на последиците од војната во 1990-тите години и спаѓаат во Поглавјето 23, кое, заедно со Поглавјето 24, е едно од двете клучни поглавја што се однесуваат на владеењето на правото.

Овие две поглавја се првите што се отвораат и последните што се затвораат во преговорите за пристапување, а напредокот во нив го одредува темпото на целиот процес на пристапување.

Првото барање се однесува на обесштетување на лицата кои биле приведени во логорот Морињ, каде што, според документот, повеќе од 300 хрватски државјани – главно од областа на Дубровник – биле држени во заробеништво во периодот од октомври 1991 до август 1992 година. Второто прашање се однесува на зачувувањето на спомен-плочата во Морињ – заеднички откриена од министрите на двете земји на 10 октомври 2022 година – на која има натпис предложен од црногорската страна.

Хрватска забележува дека во меѓувреме околу плочата е поставена голема метална рамка, очигледно наменета за држење панел што би можел да ја покрие плочата, освен за време на официјални комеморации.

Третото прашање е преименувањето на општинскиот базен во Котор, кој го носи името на ватерполистот Зоран Гопчевиќ. Според хрватската страна, тој служел како чувар во објектот во Морињ во периодот 1991–1992 година.

Како последица на тоа, хрватските клубови наводно одбиле да играат на тој базен, а репрезентацијата се заканила со бојкот на Суперфиналето на Светскиот куп во 2025 година. Бојкотот бил избегнат со преместување на натпреварите на Хрватска во Будва.

Четвртото прашање се однесува на расветлување на судбината на 14 исчезнати хрватски државјани, што бара целосна соработка од црногорските власти, размена на информации и пристап до архивите.

Петтото прашање е процесуирањето на воените злосторства, вклучително и случаите засновани на командна одговорност. Според Загреб, во Црна Гора нема ниту една правосилна пресуда по оваа основа.

Шестото прашање се однесува на решавањето на имотните права на хрватските семејства – вклучително и 51 семејство од Тиват и други од Бока Которска – чии барања остануваат нерешени и покрај правосилните судски одлуки или долготрајните правни постапки. Загреб повлекува паралела со законот од 2021 година, со кој земјиштето во заливот Валданос им беше вратено на поранешните сопственици – главно припадници на албанското малцинство – и предупредува на нееднаков третман во слични случаи.

Преостанатите две барања се однесуваат на Поглавјето 31. Според Радио Слободна Европа (RFE/RL), Црна Гора не може да го затвори ова поглавје од 2024 година поради блокадата од страна на Хрватска, која уследи по усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац од страна на црногорскиот Парламент.

Овие барања го вклучуваат враќањето на училишниот брод „Јадран“, кој се наоѓал во Црна Гора на ремонт кога избувнала војната во 1991 година и кој, според Загреб, ѝ припаѓа на Хрватска врз основа на Договорот за прашањата на сукцесијата од 2001 година.

Последното барање се однесува на границата. Хрватска бара потврда од Црна Гора дека таа ја почитува поранешната граница меѓу двете републики, во согласност со меѓународно-правниот принцип uti possidetis juris, потврден од Бадинтеровата комисија. Овој принцип наложува дека територијата што прогласува независност ги задржува внатрешните или надворешните граници што претходно ги имала.

Хрватска исто така повикува на потпишување договор за копнената граница заснован на три постоечки карти. Откако ќе се реши прашањето за копнената граница, Хрватска би била подготвена редовно да ги свикува комисиите за поморско разграничување, без притоа да одредува конкретни рокови.

Според документот, Хрватска уште во декември 2023 година доставила неофицијален документ („нон-пејпер“) до Црна Гора, во кој се наведени отворените прашања. Таа исто така го споделила овој документ со земјите-членки на ЕУ и со Европската комисија. Билетерални консултации се одржале во јануари и мај 2025 година, а министрите за надворешни работи на двете земји се сретнале десетина пати во 2026 година – секојпат на иницијатива на Загреб.

„Ниту едно од отворените прашања сè уште не е решено“, се наведува во документот.

Хрватска истакнува дека сака да го олесни, а не да го попречува пристапувањето на Црна Гора, како и дека нејзините барања се ограничени, јасно дефинирани и остварливи, додава РСЕ.

ИЗДВОЕНИ