Европските политичари и раководители од технолошкиот сектор сè почесто се залагаат за пристап според кој Европа не мора да ги развива најнапредните модели на вештачка интелигенција, туку треба да се фокусира на нивната примена во сопствената економија, пренесува „Политико“ (Politico).
„Додека САД и Кина се натпреваруваат во обуката на најсофистицираните светски модели на вештачка интелигенција, Европа се повлекува настрана. Во последните недели, европските политичари и технолошките лидери го сменија фокусот, откажувајќи се од обидите за развој на сопствени најсовремени модели на вештачка интелигенција“, се наведува во написот.
Според извештајот, стана јасно дека на Европската унија ѝ недостасуваат модели способни да се натпреваруваат со водечките американски и кинески решенија, а се појавија и сомнежи во врска со ефикасноста на „Мистрал“ (Mistral) – главниот европски претендент во оваа област.
Претходните амбиции сè повеќе отстапуваат место на ставот дека на Европа не ѝ е неопходно да ги поседува самите модели, под услов ефикасно да може да ги користи. „Обидите за создавање конкурентна лабораторија за развој на најнапредните модели на вештачка интелигенција во овој момент изгледаат како желба што не е втемелена во реалноста. Би претпочитал повеќе да се фокусираме на тоа како да извлечеме корист од оваа технологија, наместо да се обидуваме да ги стигнеме лидерите“, изјави за „Политико“ Макс Јунестанд, извршен директор на шведската компанија „Легора“ (Legora).
Овој пристап добива на значење бидејќи најсовремените технологии стануваат клучен фактор за глобалната безбедност.
Публикацијата забележува дека минатото лето, американските компании „ОпенАИ“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic) пријавиле инциденти во кои системите за вештачка интелигенција излегле надвор од нивните средини за тестирање. Ова ги поттикнало компаниите да го забават развојот и да покажат поголема претпазливост при пуштањето во употреба на нивните најнови модели.
Во исто време, кинеските модели со отворен код се појавуваат како вистинска алтернатива на комерцијалните решенија од САД.
Потпирањето на американски или кинески технологии носи ризици за Европа, која веќе зависи од двете нации во области клучни за развојот на вештачката интелигенција, како што се снабдувањето со чипови и услугите за облак-пресметување (cloud computing).
Сепак, европските функционери – вклучително и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – сметаат дека Европа треба да им помогне на индустријата и на бизнисите максимално да ја искористат оваа технологија. Тие го гледаат развојот на домашни технолошки компании способни да понудат такви алатки како стратегија што би ѝ овозможила на Европа да напредува во следната фаза од технолошката трка, во време кога САД се фокусирани на Кина и на одржување на сопствената водечка позиција.
Сепак, не сите го поддржуваат овој пристап. Претставник на „Мистрал“ (Mistral) – еден од водечките европски тимови за развој во областа на напредната вештачка интелигенција – истакна дека откажувањето од развојот на најнапредните системи, за сметка на потпирањето исклучиво на нивната практична примена, би претставувало стратешка грешка.
„Значителен дел од вредноста оди кај оние што всушност ги создаваат најнапредните системи, а не само кај оние што градат решенија врз основа на нив“, изјави претставникот на компанијата.












