Поранешниот ракометар на Вардар, Дмитро Хориха доби право да настапува за македонската ракометна репрезентација, по што објави емотивна порака.
„Сакам да им се заблагодарам на сите што веруваа во мене и ме поддржуваа во текот на целиот овој период. Уште од моите први денови тука, Македонија направи да се чувствувам како дома. И во поразите и во победите, во секој момент од ова патување ја чувствував поддршката од луѓето од сите краишта на земјата. За тоа, сакам од срце да му се заблагодарам на секој од вас!
Во моментов ме обземаат многу различни емоции, бидејќи ова претставува голем чекор во мојот живот – чекор што ја менува мојата перспектива и ми отвора сосема нова страна на ракометот. Пред мене стојат многу нови искуства, предизвици и одлуки, кои ќе бараат уште поголема сила, карактер и чувство на одговорност. Но, токму ваквите моменти нè поттикнуваат да растеме, да ги надминуваме сопствените граници и да стануваме подобри – не само како спортисти, туку и како луѓе.
Токму тука вистински ја разбрав вредноста на тоа да имаш луѓе што веруваат во тебе, дури и кога работите не се одвиваат според планот. Во животот на секој спортист доаѓа момент кога е време да направи чекор напред, да прифати нов предизвик и да преземе уште поголема одговорност. За мене, тој момент е сега. Ти благодарам, Македонијо, за довербата, за љубовта и за тоа што стана многу повеќе од само една земја за мене“, кажа Хориха.
Украинецот уште предминатата година доби македонски пасош и ги исполни условите да настапува за репрезентацијата на Македонија. По завршувањето на потребниот период од преминот од репрезентацијата на Украина според правилата на ИХФ, тој се става на располагање на македонскиот национален тим.
Тој беше стандарден репрезентативец на Украина и еден од главните носители на играта на позицијата лев бек. За Украина одигра над 20 натпревари и постигна 60 голови.
Македонија на стартот на евро-квалификациите на 4 ноември го пречекува Луксембург, а на 8 ноември ѝ гостува на Грција.












