Холандската полиција уапси четири лица осомничени за подметување пожар синагога во Ротердам. Според полицијата, пожарот избувнал околу 3:40 часот наутро, по што следела експлозија.
„НЛ Тајмс“ објави дека нема повредени. Полицијата соопшти дека проверува снимки од безбедносните камери и ја пребарува областа. Тие, исто така, ги следат и другите синагоги во областа за да спречат понатамошни инциденти.
Во една од синагогите, патролните полицајци забележале возило кое „се однесувало чудно“. Полицајците одлучиле да го проверат автомобилот.
Едно од четирите лица внатре се совпаѓало со описот што полицијата го имала за еден од сторителите на експлозијата.
Полицијата ги уапси сите четворица осомничени – двајца 19-годишници, еден 18-годишник и еден 17-годишник.
Според полицијата, сè уште не е јасно дали осомничените планирале да запалат втора синагога.
Холандскиот министер за правда и безбедност, Давид ван Вел, го нарече палењето „ужасна вест“ и рече дека „многу е веројатно дека овој инцидент бил мотивиран од антисемитизам“.
Градоначалничката на Ротердам, Карола Шутен, изрази поддршка за еврејската заедница во градот.
„Инцидентот предизвика многу страв кај нашите еврејски сограѓани. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме безбедноста околу синагогите“, рече таа.
„НЛ Тајмс“ додава дека снимките од пожарот може да се видат на социјалните мрежи и дека има извештаи дека групата Ашхаб ал-Јамин, истата група што го изврши нападот врз синагогата во Лиеж, Белгија, во понеделник, ја презеде одговорноста за палењето.












