Советникот на Ред бул и еден од највлијателните луѓе во Формула 1, Хелмут Марко, во последно време често зборуваше за неизвесната иднина на Макс Верстапен во австрискиот тим. Сепак, сега тврди дека неговите грижи исчезнале.
По серијата лоши резултати за Ред бул оваа сезона и шпекулациите за евентуален трансфер во Мерцедес или во Астон Мартин, се чинеше дека би можел да ја искористи својата клаузула за откуп доколку не е конкурентен тимот. Но, Марко ја промени плочата.
- Точно е, но таа загриженост сега е многу помала. Макс е лојален и јавно му се посвети на Ред бул. Тоа одговара на сликата што ја имам за него во моментов. Тој е целосно фокусиран на работата тука. Затоа не мислам дека воопшто размислува за промена. Напротив, убеден сум дека и Макс ќе вози за Ред бул во 2026 година – изјави Марко за „Билд“.
Инаку, Верстапен има договор до крајот на 2028 година, но постои клаузула за отпуштање поврзана со перформансите на тимот.
Ред бул моментално е трет во генералниот пласман кај конструкторите по шест трки, 11 бода пред Ферари, додека Верстапен веќе е на 32 бода, зад Оскар Пјастри, кој донекаде изненадувачки го презеде водството во генералниот пласман кај возачите.
Марко тврди дека се договориле за целите и очекувањата со Верстапен пред почетокот на сезоната.
- Сите, вклучувајќи го и Макс, се согласија дека целта е да ја одбраниме титулата, но не можеме да ја земеме здраво за готово. Ќе направиме сè за да го постигнеме тоа, но никој не може да очекува од нас секогаш да победуваме. Мора да освоиме максимален можен број бодови за таа цел – додаде Марко.
Во меѓувреме, се шпекулираше дека Лоренс Строл е подготвен да издвои дури 264 милиони евра за да го доведе Верстапен во Астон Мартин од 2026 година. Марко, сепак, останува смирен.
- И јас го прочитав тоа, но не верувам дека игра голема улога за Макс. Од една страна, ниту тој не заработува многу пари тука, а, од друга страна, само сака да победува. Затоа мора да му го дадеме најбрзиот болид. Работиме на тоа. Наскоро ќе дојдат надградби на болидот – порача Хелмут.
Ред бул сега мора да одговори на предизвиците на конкуренцијата, но клучна задача ќе биде да го задржи Верстапен, возачот што им донесе титули, но, исто така, постави и стандарди, кои се сè потешки за исполнување.