Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, го опиша предложениот одбранбен буџет од речиси 1,5 трилиони долари како „апсолутно неопходен“ за спротивставување на Кина, предупредувајќи дека САД би можеле уште повеќе да заостанат во развојот на дронови, роботика и вештачка интелигенција, објави весникот „Саут Чајна Морнинг Пост“.
Говорејќи на годишниот собир на Здружението на армијата на САД во Вашингтон, Хегсет го окарактеризира предлогот како инвестиција каква што се јавува еднаш во генерација, која би му овозможила на Вашингтон темелно да ги обнови своите воени капацитети соочен со растечките предизвици.
„Оние што ќе заостанат сега, ќе заостанат уште повеќе“, изјави Хегсет, нагласувајќи дека инвестициите во автономни системи, роботика, вселенски технологии и вештачка интелигенција ќе ја обликуваат американската војска во децениите што доаѓаат.
За фискалната 2027 година, Пентагон бара 54,6 милијарди долари за Групацијата за автономно војување (Autonomous Warfare Group) – тело задолжено за координирање, тестирање и интегрирање на автономни системи низ различните гранки на вооружените сили. Оваа сума претставува зголемување од речиси 24.000 отсто во споредба со издвоените 225,9 милиони долари од претходната година. Од овој износ, 39,2 милијарди долари се наменети за набавка на автономни системи, проширување на домашното производство и развој на напредни капацитети, додека 14,4 милијарди долари се издвоени за развој и распоредување на системи за противдејство против беспилотни летала (UAV).
Планот, исто така, предвидува формирање на посебна команда за автономно војување – со која ќе раководи генерал со четири ѕвезди – најдоцна до 1 октомври 2027 година. Хегсет изјави дека САД имаат намера да набават „еден милион“ дронови и да ја забрзаат интеграцијата на новите технологии во оперативна употреба.
Американските претставници посочија дека Кина забрзано развива беспилотни системи и користи сателити во ниска орбита околу Земјата за откривање на американските системи за вооружување. Во својот 15-ти петгодишен план, кој го опфаќа периодот од 2026 до 2030 година, Пекинг им даде приоритет на вештачката интелигенција, автономните системи и вмрежената воена инфраструктура.
Анализата на сателитските снимки укажува на тоа дека Кина распоредила повеќе од 200 застарени борбени авиони од типот „J-6“ – пренаменети во беспилотни летала за напади – во шест воздухопловни бази во близина на Тајванскиот теснец.
Според извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон, кинеските компании учествуваат со над 80 отсто во глобалното снабдување со беспилотни летала. Хегсет ја критикуваше претходната администрација на Џо Бајден за, како што наведе, недоволното вложување во хиперсонично оружје, воени технологии базирани во вселената и беспилотни системи. Тој изјави дека претстојните месеци ќе бидат клучни за финансирање на планот на администрацијата на Доналд Трамп и за обновување на американските воени капацитети.












