Охридскиот Регион доби сериозно предупредување, УНЕСКО препорача тој да се стави на листата на светско наследство во опасност, а конечната одлука ќе биде донесена на 22 јули, во рамките на конференцијата што ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја, од 19 до 29 јули. Станува збор за 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на која ќе се разгледуваат предлози за впишување нови локалитети на листата на светско наследство, ќе се оценува состојбата на веќе впишаните локалитети, а ќе се дискутира и за прашањата поврзани со заштитата на светското културно и природно наследство.

Инаку, Комитетот изрази голема загриженост за Охридскиот Регион бидејќи оценува дека напредокот во справувањето со тековната деградација на Регионот е ограничен. Тој повторно побара Македонија и Албанија да ги спроведат преостанатите препораки од мисиите за реактивен мониторинг од 2017, 2020 и од 2024 година.

Инаку, забелешките се однесуваат на недоволно имплементирање на препораките од последните две мисии, според кои требаше да има сеопфатна стратешка процена на животната средина, да се решат урбанистичките прашања и нелегалната градба. Има забелешки и во однос на доцнењето со управувањето со отпадните води и отпадот, кои предизвикуваат сериозно влошување на состојбата во Регионот.

УНЕСКО ги повика Македонија и Албанија да ги зајакнат прекуграничниот дијалог и меѓусебната координација, особено во однос на алтернативните маршрути за Коридорот 8. Комитетот го посочи одложувањето на подготовката на студијата за изводливост за алтернативната маршрута на железничкиот Коридор 8, како и поврзаните студии и процени на влијанието. Притоа, апелираше до двете земји да ги направат и да ги достават до Центарот за светско наследство за преглед пред да се донесат какви било одлуки што може да бидат тешки за враќање, а истовремено и да се воздржат од реализација на проектот до спроведување на  барањата. Исто така, се бара Македонија да направи и стратешка процена на кумулативните влијанија врз наследството од сите инфраструктурни и развојни планови и побара да ја разгледа студијата кога ќе биде готова. Македонија треба да ја забрза и процената на влијанијата од нелегалните градби, врз основа на јасни критериуми и да спроведе корективни мерки, вклучително и отстранување на дивоградбите, да ги суспендира измените на деталните урбанистички планови и одобрувањето на локалните развојни планови надвор од населбите, сè додека не покаже студијата дека нема негативни ефекти врз наследството. Едно од барањата е и итно да ги подготви генералните урбанистички планови за Охрид и за Струга, како и за просторно планирање за неизградени области.

Во однос на нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата и забрана за урбанизација во рамките на мочуриштето, Комитетот го посочува продолжувањето на изградбата на комплексот „Горица 3“ и побара државата да ги запре ваквите девастирачки проекти. Македонија ќе треба да го забрза прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата, на Студенчишко Блато за парк на природата, како и на проектите за надградба на инфраструктурата за отпадни води.

ИЗДВОЕНИ