Гувернерот на Илиноис, Џеј-Би Прицкер, го повика Конгресот на САД да воведе федерални регулативи за вештачката интелигенција, опишувајќи ја како опасност „на ниво на нуклеарно оружје“. Во услови на сè погласни повици за регулирање на оваа технологија, Прицкер изјави дека прашањето не може да се решава на ниво на поединечни сојузни држави, туку бара национален и меѓународен ангажман.
„Тоа мора да биде национален, но и меѓународен потфат, особено во соработка со нашите сојузници, бидејќи вештачката интелигенција нема да исчезне“, рече Прицкер во интервју за „Еј-би-си њуз“.
Како пример, Прицкер го наведе законот што го потпиша во Илиноис во јули. Тој закон бара од технолошките компании да спроведуваат годишни независни ревизии на нивните безбедносни планови и да ги пријавуваат сите безбедносни инциденти до државата. Тој го повика Конгресот да му даде приоритет на донесувањето федерални регулативи.
Неговиот став е спротивен на ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги отфрли стравувањата во врска со вештачката интелигенција како „измама“ и најави формирање на „Сили за вештачка интелигенција“ (AI Force) за да се забрза растот на индустријата.
Прицкер смета дека таков пристап е погрешен.
„За нив е прифатливо да остават сè без надзор и да им дозволат на лидерите во индустријата сами да ги кројат правилата. Мислам дека тоа е грешка, бидејќи јасно видовме како се случуваат пробиви што тие не ги контролираат, а се чини дека и не се грижат за тоа“, рече Прицкер. „Не мораме целосно да ја укинеме технологијата. Она што мораме да го направиме е да се погрижиме таа да не излезе од контрола“, додаде тој.
Сепак, Прицкер не го поддржува предлогот на сенаторот Берни Сандерс за целосна забрана на супер-интелигенцијата. „Сметам дека тоа е едноставно неизводливо. Тоа нема да се случи бидејќи вештачката интелигенција веќе постои во светот“, рече тој.












