Грчкиот парламент усвои закон со кој им се забранува на децата помлади од 15 години да користат социјални мрежи. Како што пренесува Ројтерс, законот, кој стапува на сила на 1 јануари 2027 година, е донесен поради зголемената загриженост за влијанието на овие платформи врз здравјето и безбедноста на малолетниците.
Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека платформите имаат рок од два и пол месеци да развијат систем за проверка на возраста на корисниците, притоа обезбедувајќи заштита на нивната приватност. Грција е една од седумте земји-членки на Европската унија кои соработуваат со Европската комисија на изнаоѓање решение за проверка на возраста.
Слични мерки се преземени и во други делови од светот. Минатата година, Австралија стана првата земја што законски го ограничи пристапот на малолетниците до социјалните мрежи. Од друга страна, Уставниот суд на Франција во август укина сличен закон.
Владата нагласува дека целта на овој потег е да им помогне на родителите да го ограничат таканареченото „бесконечно лизгање“ (infinite scrolling) низ содржините. Тие посочуваат дека овој феномен им го одзема сонот на децата, ја нарушува нивната концентрација и им го крати времето што би можеле да го поминат во дружење со пријателите.












