вторник, јули 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните сè почесто купуваат на интернет, за три месеци потрошиле 266 милиони...

Граѓаните сè почесто купуваат на интернет, за три месеци потрошиле 266 милиони евра

10

Онлајн трговијата во Македонија продолжува да бележи двоцифрен пораст. Во првиот квартал од 2026 година, вкупната вредност на онлајн трансакциите достигна 266 милиони евра, што е за 18,1 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Во оваа сума се вклучени купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и трансакциите што ги реализирале странски потрошувачи во македонските интернет-продавници.

Најголемиот дел од прометот, односно 156 милиони евра, завршил кај домашните е-трговци. Од нив, повеќе од 140 милиони евра се потрошени од македонски граѓани, додека 16,2 милиони евра ги реализирале странски купувачи. Истовремено, домашните потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски интернет-продавници, каде што во првите три месеци од годинава потрошиле 109,7 милиони евра, што претставува зголемување од 20,3 проценти на годишно ниво.

Покрај вредноста, расте и бројот на онлајн купувања. Во првиот квартал, бројот на реализирани трансакции е зголемен за 16,4 проценти во однос на лани, а кај домашните е-трговци зголемувањето достигнало 17,5 проценти. Ова укажува дека сè повеќе граѓани редовно ја користат е-трговијата како дел од секојдневното купување.

Од АЕТМ посочуваат дека, иако вкупниот промет продолжува да расте, просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници бележи благо намалување. Кај плаќањата со домашни картички кон домашни е-трговци просечната вредност се намалила од 36 на 35,3 евра, што покажува дека потрошувачите прават повеќе, но помали купувања. Сличен тренд е забележан и кај странските купувачи во македонските е-продавници, каде што просечната вредност на трансакцијата паднала од 41,3 на 37,9 евра.

За разлика од тоа, кај купувањата на македонските граѓани во странски интернет-продавници просечната вредност на една трансакција пораснала од 31,3 на 33,6 евра. Вкупно, просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34,7 евра, што е за 1,5 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Позитивните трендови ги потврдува и зголемениот број на нови интернет-продавници. Во текот на првото тромесечје од 2026 година се регистрирани 59 новоотворени онлајн продажни места, што е уште еден показател дека сè повеќе компании инвестираат во дигитална продажба и го препознаваат потенцијалот на е-трговијата како растечки пазар.

ИЗДВОЕНИ