вторник, јули 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА САД им вратија 81 милијарда долари царини на компаниите

САД им вратија 81 милијарда долари царини на компаниите

7

Американската Влада досега вратила 81 милијарда долари на компании што платиле дополнителни царини воведени во текот на мандатот на претседателот Доналд Трамп, откако Врховниот суд пресуди дека голем дел од тие мерки биле незаконски.

Според официјалните податоци на американската даночна служба, исплатените поврати во тековната фискална година, која започна во октомври 2025 година, се повеќекратно повисоки од тој период лани, кога биле вратени околу 5 милијарди долари.

Од Министерството за финансии соопштиле дека најголем дел од исплатите биле реализирани во мај и јуни, како директна последица на пресудата на Врховниот суд, кој поништи значителен дел од дополнителните царини воведени од администрацијата на Трамп.

Трамп ги претставуваше царините како клучен дел од својата економска политика, со цел враќање на производството во САД, обезбедување поповолни трговски договори и намалување на буџетскиот дефицит.

Сепак, според „Гардијан“, американскиот буџетски дефицит повторно бележи раст и во првите девет месеци од фискалната година достигнал 1,367 трилиони долари, што е за два проценти повеќе во однос на тој период претходната година.

Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави потрошиле повеќе од еден трилион долари за сервисирање на државниот долг, што претставува 14 проценти од вкупните федерални расходи, додека воените трошоци се зголемиле за пет проценти поради геополитичките тензии на Блискиот Исток.

ИЗДВОЕНИ