Се гради нова училишна зграда во рамките на општинското основно училиште „Гоце Делчев“ во Илинден, со што се проширува неговиот капацитет.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека со изградбата на новиот објект ќе се овозможи над 1.000 ученици да ја следат наставата во една смена, што претставува значаен чекор кон подобрување на условите за учење и создавање инклузивна и современа образовна средина.
– Објектот ќе се поврзе со постојниот и ќе зафаќа површина од над 900 квадратни метри на два ката, со 10 училници, шест тоалети, од кои два се наменети за лицата со посебни потреби, со лифт за нивна непречена мобилност, две простории за складирање, како и наставничка канцеларија – информираше Георгиевски.
Георгиевски наведе дека со реализацијата на проектот ќе се создадат услови за унапредување на воспитно-образовниот процес, овозможувајќи современо, инклузивно и интегрирано образование, каде што учениците ќе имаат можност да стекнуваат нови знаења и практични вештини.
Тој, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука – Весна Јаневска, како и со пратеничката Драгана Бојковска, изврши увид во тековните градежни активности.
Министерката Јаневска нагласи дека проектот е од исклучително значење, бидејќи едносменската настава дава голем број придобивки, како за самите ученици така и за наставниот кадар и за родителите.
– Оваа инвестиција ќе овозможи реализација на наставата во една смена и продолжен престој, што, пак, е исклучително важно, затоа што придобивките се повеќекратни: децата се поконцентрирани кога одат во една смена наутро и повеќе се социјализираат. Преку повеќе изборни и воннаставни активности се фокусираат на тоа што сакаат да го учат и најважно е што се задржуваат подолго на училиште – изјави Јаневска.
Таа потсети дека нашите ученици имаат 900 часа помалку до 15- годишна возраст во споредба со врсниците во Европа и дека со наставата во една смена се намалуваат трошоците за работа на училиштата.
– Минатата учебна година, концептот на едносменско работење го прифатија 150 училишта, додека во оваа учебна година тој број надминува 200. Со нови инвестиции во зголемување на училишните капацитети на постојни училишта, концептот ќе продолжи да се проширува – потенцираше министерката.
Притоа, најави дека многу скоро ќе се започне со доградба и во повеќе други училишта, финансирани од Владата.
– Имаме поширок план и во текот на мандатот целосно ќе се заокружи. Само во моментов имаме 30 активни градежни инвестиции како Министерство, во вредност од 16 милиони евра – вели Јаневска.
Премиерот Мицкоски посочи дека Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини, континуирано реализира проекти од суштинско значење за локалното население, што се потврдува и преку нивната силната и континуирана поддршка.
Овој капитален проект се реализира во соработка со Владата и со Министерството за образование и наука и претставува уште еден значаен чекор во насока на создавање квалитетен, достапен и модерен образовен систем за сите ученици во Општина Илинден.
Вредноста на инвестицијата е 50,4 милиони денари.
(А. П.)












