Голем скандал ја потресе сенегалската репрезентација по елиминацијата од Светското првенство, откако националната телевизија објави детали за сериозни инциденти во делегацијата на федерацијата за време на престојот во Соединетите Американски Држави.
Најголемо внимание предизвика случајот со готвачот на националниот тим, кој итно бил вратен во Дакар по обвинување за сексуално вознемирување на вработена во хотелот каде што бил сместен тимот. Информацијата ја потврди генералниот секретар на Сенегалската фудбалска федерација, Абдулае Саиду Соу.
Според неговите зборови, федерацијата реагирала веднаш штом добила пријава за несоодветното однесување, со цел да се избегне вмешување на американските власти и дополнителен скандал кој би го нарушил угледот на репрезентацијата.
Соу објасни дека одредени постапки кои во Сенегал можеби се сметаат за безопасни, според американските закони можат да се квалификуваат како сексуално вознемирување, па затоа било одлучено готвачот веднаш да ја напушти земјата.
Но, тоа не е единствениот проблем што ја следел сенегалската експедиција. Според извештаите, базата на репрезентацијата за време на Мундијалот се претворила во место за приватни забави и дружења, иако тимот бил среде натпреварување.
Наводно, поединци од делегацијата носеле пријатели и инфлуенсери во хотелот, каде што се организирале забави со алкохол, се делеле скапи подароци и се трошеле значителни суми пари.
Хаосот влијаел и врз секојдневното функционирање на репрезентацијата. Според истите информации, оброците за фудбалерите често доцнеле, поради што играчите биле принудени сами да нарачуваат храна во своите хотелски соби.
Сенегал го заврши настапот на Светското првенство во осминафиналето, каде што беше елиминиран од Белгија по продолженија, а најновите откритија отворија бројни прашања за организацијата и дисциплината во националниот тим.











