петок, јуни 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Горивата поевтинија, за храната Владата допрва ќе анализира

Горивата поевтинија, за храната Владата допрва ќе анализира

Владата го анализира извештајот на Државниот пазарен инспекторат за поскапувањето во маркетите и најавува целни мерки за заштита на граѓанскиот стандард, додека цените на горивата од денеска се намалуваат. Бензините од 95 и од 98 октани поевтинуваат за еден и пол денар, додека, пак, дизелот за два и пол денари за литар. Статистиката за март, пак, го потврди она на што алармираа граѓаните: двоцифрена инфлација со раст на трошоците за живот за речиси 7 отсто. Во исто време, Народната банка предупредува дека војната на Блискиот Исток може дополнително да ги зголеми цените на нафтата, пченицата и на металите, што значи дека ценовниот притисок не само што не завршува туку може и да продолжи

741

Анализата на извештајот на Државниот пазарен инспекторат за контрола на маркетите треба да покаже дали треба да се носат мерки за растот на цените на храната. Од Министерство за економија и труд информираат за весникот ВЕЧЕР дека веќе го анализирале извештајот од ДПИ и дека го испратиле до Владата. Инаку, во изминатиов период беа спроведени над 140 контроли во повеќе од 800 продажни објекти во земјава, кои покажаа дека има поскапување кај поголем дел од основните прехранбени производи. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува да го добие извештајот од институциите, кој треба да се анализира, а потоа, од страна на Владата, ќе се дадат конкретни мерки со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните.

– Очекувам да го добијам извештајот и да го анализираме овие денови, многу внимателно и дури тогаш ќе излеземе со одредени мерки. Сакаме тие овој пат да бидат микротаргетирани, односно насочени кон одредени категории граѓани и кон основните прехранбени производи – изјави Мицкоски.

Тој претходно најави дека се размислува за мерки како намалување на ДДВ и ограничување на профитната маржа на трговците.

Регулаторната комисија за енергетика, како што се очекуваше, вчера донесе одлука за намалување на цените на бензините за 1,5 денари за литар, на дизелот за 2,5 денари, на екстра лесното масло за 3,5 денари, додека мазутот се намалува за 2,084 денари за килограм. Според новата пресметка, од денеска 95 ќе се продава по 82 денари за литар, додека 98 по 84 денари за литар, дизелот 95,5 денари за литар, а екстра лесното масло за домаќинство по 96,5 денари за литар. Цената на мазутот е утврдена на 49,227 денари за килограм.

Ако на ова, како што рече Мицкоски, се додадат и попустите што ги нуди „Окта“, два денари за литар за бензините и три денари за литар за дизел-горивата, ќе бидеме држава со убедливо најниска цена на нафтата, нафтените деривати, односно на дизел-горивото и бензините.

Статистиката за март, пак, го потврди она на што алармираа граѓаните: двоцифрена инфлација со раст на трошоците за живот за речиси 7 отсто. Притоа, месото е поскапено за речиси 12,8 %, растот кај млекото, млечните производи, јајцата е 8,12 %, за шеќерот за 10,22 % додека растот кај маслото и мастите изнесува речиси 7 отсто. Вкупната годишна инфлација во март достигна 4,9 проценти, што значи дека ценовниот раст веќе излегува над рамките на она што се сметаше за контролирано темпо во првиот дел од годината. За споредба, лани во истиот период, додека беа активни владините мерки за ограничување на дел од цените, годишната инфлација изнесуваше 2,73 проценти.

Во исто време, Народната банка предупредува дека војната на Блискиот Исток може дополнително да ги подигне цените на нафтата, пченицата и на металите, што значи дека ценовниот притисок не само што не завршува туку може и да продолжи во 2027 година. Тоа значи дека нема да се задржи ударот само на горивата. Ако растат нафтата, пченицата и металите, тоа директно влијае врз транспортот, производството, увозот и цените на голем број производи, од лебот и месото до индустриските суровини.

Трговците уште пред празниците најавија ново поскапување, објаснувајќи дека набавувачите веќе ги зголемиле набавните цени. Се очекува зголемување на цените на речиси сите производи за широка потрошувачка, бидејќи нивните партнери веќе им најавиле дека ќе има нови, повисоки набавни цени.

Економските експерти посочуваат дека се неопходни мерки за да не дојде до енормно зголемување на цените на основните прехранбени производи. Меѓу нивните предлози се дополнителна поддршка за ранливите категории граѓани и засилување на антимонополската контрола и на инспекцискиот надзор.

Во меѓувреме, и Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) предупреди дека продолжената криза во Хормускиот Проток може да предизвика глобална земјоделска катастрофа поради прекините во извозот на ѓубрива и енергија, зголемувањето на цените на храната и намалените приноси на земјоделски култури.

Според ФАО, сиромашните земји ќе го сносат товарот на намаленото земјоделско производство, инфлацијата и побавниот глобален раст.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ