сабота, јуни 6, 2026
Дома СКОПСКА Годинава потрошени 598 литри вода по глава на жител, повеќе за 49...

Годинава потрошени 598 литри вода по глава на жител, повеќе за 49 литри од пред 10 и за 63 литри од пред 20 години

Од ЈП „Водовод и канализација“ уверуваат дека скопјани не треба да се грижат за водоснабдувањето, бидејќи капацитетите на изворите Каптажа Рашче 1 и 2 се во одлична состојба. Нагласуваат дека „издашноста“, во зависност од хидролошката година, се движи меѓу 3 и 7 кубни метри и ги задоволува потребите на град Скопје. Но, од друга страна, според информациите на претпријатието, потрошувачката на вода по глава на жител во 2026 година е зголемена за разлика од пред 10 и од пред 20 години. – Годинава, потрошувачката на вода изнесува 598 литри, додека пред 10 години била 549 литри, а пред 20 години – 535 литри – велат од ЈП „Водовод и канализација“. Што значи, потрошени се 49 литри вода по глава на жител повеќе отколку пред 10 години и 63 литри вода повеќе од пред 20 години. Оттаму нагласуваат дека, во соработка со Град Скопје, во изминативе неколку години континуирано работат на проекти што се наменети за истражување на алтернативните извори за водоснабдување на градот Скопје и оти годинава ќе се работи на спроведување проширени анализи и на испитување на алтернативниот извор за водоснабдување – Кадина Река, Патишка Река и Мала Река, изворот Врело, како и напуштениот извор во Инџиково

365

Факт е дека урбанизацијата на Скопје и зголемениот број жители го наметнаа проблемот со водоснабдувањето. Жителите во повисоките зони во градот, особено во летниот период, се жалат за намелен притисок на вода, а често пати и на прекини во водоснабдувањето. Воедно, во летниот период, сведоци сме на соопштенија од ЈП „Водовод и канализација“ дека е зголемена потрошувачката на вода.

Од претпријатието, сепак, уверуваат дека не треба да се грижат скопјани за водоснабдувањето, бидејќи капацитетите на изворите Каптажа Рашче 1 и 2 се во одлична состојба. Нагласуваат дека „издашноста“, во зависност од хидролошката година, се движи меѓу 3 и 7 кубни метри и ги задоволува потребите на град Скопје.

Но, од друга страна, според информациите на претпријатието, потрошувачката на вода по глава на жител во 2026 година е зголемена за разлика од пред 10 и од пред 20 години.

– Годинава, потрошувачката на вода изнесува 598 литри, додека пред 10 години била 549 литри, а пред 20 години – 535 литри – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Оттаму нагласуваат дека, во соработка со Град Скопје, во изминативе неколку години континуирано работат на проекти што се наменети за истражување на алтернативните извори за водоснабдување на градот Скопје.

Годинава, како што информираат од претпријатието, ќе се работи на спроведување проширени анализи и на испитување на алтернативниот извор за водоснабдување – Кадина Река, Патишка Река и Мала Река, потоа на спроведување проширени анализи и испитување на алтернативниот извор за водоснабдување – изворот Врело, како и на ревитализација и воспоставување континуирано следење на квалитативните карактеристики на водите од напуштениот извор во Инџиково.

– Мониторингот предвидува изработка на анализи со цел проверка на квалитетот и на квантитетот на водата од овие водни ресурси – објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Што се однесува до водоснабдувањето на повисоките зони во градот, кои особено во летниот период се соочуваат со намален притисок на вода, а понекогаш дури има и повремени прекини, од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека водоснабдителниот систем на Град Скопје е стабилен и со континуирано водоснабдување.

– Деловите од градот Скопје што се наоѓаат на поголема надморска височина се снабдуваат преку т.н. систем висока зона, што значи дека водата пристигнува до населбата преку пумпна станица, потисен цевковод, резервоари и слично – наведуваат од претпријатието.

Но, признаваат дека може да се случи намален притисок или прекин во водоснабдувањето, но, како што нагласуваат, само во периоди на екстремно голема потрошувачка на вода во летните месеци, како што беше минатата година.

Притоа, образложуваат дека тоа се должи на: евентуално бесправно приклучените објекти, кои крадат вода, што е особено присутен проблем во руралните средини, при што за справување со овој проблем, се спроведувале акции за откривање на дивите приклучоци, во соработка со претставниците на селото или на општината, сè со цел тие да бидат исклучени или да станат евидентирани корисници на кои ќе им се наплаќа вода.

– Потоа, се должи на нерационалната потрошувачка, појава што се јавува во летните месеци, за што причина се, секако, високите температури и недостигот на врнежи. Ова е редовна појава при високи температури во летните месеци и тогаш жителите нерационално ја користат водата не само за своите санитарни потреби туку и за полевање на зеленилото, за полевање на своите ниви, тревници, за разладување и сл. – наведуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Потенцираат дека континуирано работат на намалување или на отстранувањето на нерационалната потрошувачка во летните месеци, но сметаат дека рестрикциите и исклучувањето од системот може да предизвикаат несакани појави.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ