Националниот џез-оркестар на 16 април со почеток во 20:00 часот ќе одржи ексклузивен концерт насловен „Кубанска џез-експлозија“, заедно со светски реномираниот кубански музичар, Ален Перез и неговата осумчлена ритам-секција „Ла Оркеста“. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје.

Настанот е дел од европската турнеја „Тура во Ла Фиеста“, која ја носи автентичната енергија на кубанската музика на најзначајните сцени во Европа. Со спојот на салса, тимба и џез, концертот ветува вечер исполнета со ритам, страст и со врвна музичка изведба.

Ален Перез (Куба) е мултиинструменталист, пејач, композитор и продуцент со интернационална кариера. Своето светско признание го стекна како член на легендарниот состав „Иракере“, под водство на Чучо Валдес, како и преку долгогодишната соработка со фламенко-иконата Пако де Лусија.

Во текот на својата кариера, Перез има соработувано со некои од најголемите имиња на светската сцена, меѓу кои Чик Кореа, Винтон Марсалис, Селија Круз, Рубен Блејдс, Пакито д’Ривера, Диего ел Цигала и Исак Делгадо, создавајќи препознатлив звук што ги обединува салсата, тимбата, џезот и фламенкото во енергична и автентична звучна целина.

Добитникот на престижните награди „Греми“ и „Латино Греми“, Перез, денес се смета за еден од најзначајните претставници на современата афрокубанска музика.

ИЗДВОЕНИ