Организацијата „Екосвест“ со гордост ја најавува третата екотрампа „На ти го, дај ми го“, уникатен настан посветен на одржливоста, заедништвото и на креативната размена.
Настанот ќе се одржи на 18 април, во „Лабораториум“, со почеток во 12:00 часот и е отворен за сите штосакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.
– Концептот е едноставен, но инспиративен: секој учесник може да донесе до три предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети), а може да земе колку што сака од предметите што ги донеле другите учесници. Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални. Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе, затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и топол пијалак – објаснуваат од „Екосвест“.
Притоа, нагласуваат дека идеите за проширување и подобрување на настанот за екотрампа произлегуваат од самите учесници.
– Така, инспирирани од втората екотрампа на која учесниците носеа играчки и предмети за миленици, на оваа трета по ред екотрампа отвораме ново катче за милениците. Ги повикуваме сите граѓани што имаат вишок предмети за миленици или играчки да дојдат и да се заменат. Се радуваме што се развива екотрампата паралелно со потребите на нашите сограѓани и тоа ѝ дава дополнителна убавина на нејзиното постоење – вели Милијана Богданоска од „Екосвест“.
Овој настан е инспириран од слични практики во светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и на одржлив животен стил.
– Со „На ти го, дај ми го“, „Екосвест“ има цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.
Екотрампата е повеќе од обична размена, таа е можност да се запознаете со луѓе што размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна и да дадете свој мал придонес за позелена иднина, потенцираат организаторите на настанот.












