Извесно е дека ќе се води тактичка војна во македонското Собрание околу гласањето за предлогот на законот за соодветна и правична застапеност, а кое се одложи на вчерашната седница. Во наредниов период, по сè изгледа, во редовите на пратеничките групи од власта и од опозицијата ќе се врши пребројување за тоа со колку гласови од народните избраници од немнозинските заедници се располага преку принципот мал Бадентер. А тоа, сигурно, ќе значи дека оние пратеници што досега ретко доаѓале на седници, сега ќе присуствуваат на секоја седница. Целта е да се спречи или, пак, да се исполни предвидениот услов ова законско решение, кое се однесува на вработувањето на припадниците на помалите етнички заедници во јавниот сектор. Тоа предвидува да се обезбеди мнозинска поддршка на пратениците од немнозинските заедници што во тој момент присуствуваат на седницата на која е обезбеден кворум. Познато е, во собраниските клупи, од партиите од власта и од опозицијата, има вкупно 39-мина пратеници што имаат етничка припадност различна од македонската. Но, искуствата покажуваат дека на седниците ретко кога присуствуваат сите пратеници, што значи дека бројот на гласови што треба да ги обезбеди парламентарното мнозинство варира зависно од тоа колку од овие 39-мина пратеници се појавиле во собраниската сала.
Предлогот на новото законско решение, кое доби позитивна оцена од Венецијанската комисија, треба да ги постави темелите за професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација. Со него треба да се замени досегашниот механизам балансер, во текот на чија примена имаше бројни злоупотреби со давање лажни изјави на некои лица за својата етничка припадност, со цел да добијат вработување во државната администрација. Со решенијата, квалификациите, стручноста и компетентноста на кандидатите ќе бидат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите.
На вчерашната седница не се случи изјаснување на пратениците, при што беше дадено образложение дека ќе биде закажано гласањето во наредниот период. Но, увидот во присуството на пратениците од редовите на немнозинските заедници доволно зборуваше дека побројни биле оние од редовите на опозицијата, поради што парламентарното мнозинство не можеше да обезбеди исполнување на условот за мал Бадентер. Така, во собраниската сала имаше 18-мина пратеници од опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од ДУИ и од другите албански опозициски групации. Но, оваа групација можеше да смета и на гласовите од пратеници во немнозинските заедници во редовите на опозициските партии од македонскиот политички блок. Наспроти ова, парламентарното мнозинство имаше на располагање гласови од околу 14-мина пратеници од немнозинските заедници, што беше недоволно. Од нивните редови изјавуваат дека „ќе се случи гласањето штом ќе се создадат услови за тоа и дека одложувањата на гласањата по одредени закони и досега се случувале“. Оттаму се повикуваат на одредбата од членот 170 од собранискиот Деловник, која го предвидува правото на собранискиот претседател „да може да го определи денот и часот на гласањето по предлогот на законите и други акти“.
Наспроти ова, од редовите на коалицијата „Европски фронт“ изјавуваат дека не смее да се злоупотребува ваквата одредба. Во нивните редови се стравува дека ќе се обиде мнозинството, на некоја идна седница, кога ќе отсуствуваат поголем број опозициски пратеници од немнозинските заедници, да го стави предлогот на законот на гласање и да се усвои со мал Бадентер.
– Претседателот на Парламентот не може до бескрај да го одлага гласањето за овој закон. Ние бараме да се закаже датум кога ќе се одржи гласањето за овој предлог, а што е и обврска на спикерот. Самиот факт што власта не може да обезбеди поддршка од пратениците од немнозинските заедници, укажува дека не е добар законот. Ние ќе бидеме активни и внимателни, особено и околу тоа да не се случи некакво сценарио со кое на ненадеен начин би се ставил предлогот на дневен ред и би се гласало кога се отсутни нашите пратеници. Сега доаѓа период на одмори и на отсуства, така што е можно секое сценарио, но ние ќе бидеме максимално мобилизирани – за весникот ВЕЧЕР изјави Сали Мурат, пратеник од оваа опозициска коалиција.
Мобилизацијата, извесно, го опфатила и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во изминативе два дена редовно беше во собраниските клупи. Тоа е однесување сосема различно од она што го покажуваше тој во изминатиов период, кога беше еден од пратениците со најголемо отсуство на собраниските седници. Само за пример, евиденцијата преку системот „Мојот пратеник“ покажува дека во периодот јули-декември 2025 година, кога имало повеќе од четириесет собраниски седници, Ахмети бил само на една седница!? Заедно со него, и пратеникот Садула Дураку од редовите на ДУИ, исто така, бил само на една седница. Во периодот јануари-јули 2025 година, кога имало педесетина седници, Али Ахмети стапнал во Собранието само три пати, а отсуството било оправдувано со „службена зафатеност“. Во меѓувреме, на нивните сметки редовно се исплаќале високите пратенички плати. (Б. Ѓ.)












