среда, септември 2, 2026
Дома БАЛКАН Ескалираа протестите во Албанија: Демонстрантите ја блокираа канцеларијата на Рама, уапсени се...

Ескалираа протестите во Албанија: Демонстрантите ја блокираа канцеларијата на Рама, уапсени се 14-мина, тројца се гонат кривично

1

Ескалираат протестите во Албанија, кои почнаа пред повеќе од три месеци. Во вторникот, на 94. последователен антивладин протест, демонстрантите ги блокираа влезовите и излезите од канцеларијата на премиерот Еди Рама, додека тој бил во институцијата заедно со други високи државни  личности. Притоа, како што соопшти полицијата, уапсени се 14-мина демонстранти, а кривично се гонат уште тројца.

Според објавата на полицијата, до конфликтот дошло околу 20:00 часот, кога се спротивставиле демонстрантите на обидот на полицајците да ги тргнат од улицата „Исмаил Ќемали“, од јужната страна на премиерската канцеларија, каде што ги блокирале влезот и излезот од неа. До апсењата дошло откако полицијата половина час преку мегафон ги повикувала демонстрантите да се тргнат од улицата, на која седеле, а некои ги туркале полицајците.

По апсењата, премиерот Рама ја напуштил зградата на Владата под засилено полициско обезбедување. Демонстрантите бараат оставка од него, промена на политичкото раководство и формирање преодна влада.

Протестите, кои го добија називот „фламинго револуција“ почнаа поради одобрението на Владата да се гради, во заштитен крајбрежен појас, луксузен комплекс зад кој стои зетот на Трамп, Џеред Кушнер. Овие протести, кои се одржуваат секое попладне во Тирана, прераснаа во пошироко политичко движење, а премиерот ги нарече хибридна војна.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ