Станува збор за прв плански документ за целосна заштита на езерото, изработен согласно со Законот за прогласување на подрачјето за споменик на природата. Документот, кој ќе биде ставен на јавна расправа, е изработен од Здружение за одржлив развој „Милиеуконтакт Македонија“ во партнерство со Општина Дојран, во рамки на проект со финансиска поддршка од Партнерски фонд за критички екосистеми (CEPF)

 

Формирање управувачко тело за заштита, воспоставување чуварска и инспекциска служба, зонирање на подрачјето околу Дојранското Езеро и распределба на дозволени и недозволени активности во зоните, како и строго управување со милта и со талогот од пречистителните станици, се поважните мерки кои ги пропишува предлог-планот за управување со споменикот на природата – Дојранско Езеро, за периодот 2026 – 2035.

Станува збор за прв плански документ за целосна заштита на езерото, изработен согласно со Законот за прогласување на подрачјето за споменик на природата. Документот што ќе биде ставен на јавна расправа е изработен од Здружение за одржлив развој „Милиеуконтакт Македонија“ во партнерство со Општина Дојран, во рамки на проект со финансиска поддршка од Партнерски фонд за критички екосистеми (CEPF).

Според Законот, со заштитеното подрачје управува Општина Дојран како единствен субјект-управувач, која веќе формирала Совет на засегнати страни и научен совет како консултативни тела.

– Претставниците на двата совети беа вклучени во подготовката и дадоа суштински придонес во изработката на планот, а исто така дадоа и заедничко позитивно мислење. Предлог-планот, кој е предмет на овој извештај, се изготвува по првпат и претставува алатка за управување со заштитеното подрачје и приказ на реалната состојба врз основа на целокупно извршената процена на природните вредности, заканите со кои се соочува подрачјето, неговото национално и меѓународно значење, социоекономските вредности, како и препораки за управување со заштитеното подрачје, се посочува во нацрт-извештајот за предлог-планот за Дојранското Езеро.

Предлог – планот, во кој се анализира состојбата на Дојранското Езеро во 2020 и 2021 година, во период кога хидросистемот за полнење на езерото сè уште не е исклучен, а езерскиот водостој е висок, за најголеми ги детектира заканите од отпадните води и од урбанизацијата, а посебно ги истакнува високите концентрации на нутриенти од отпадни материи, кои предизвикуваат таканаречена еутрофикација, односно процес на зголемување на хранливите состојки во водните екосистеми со појава на „воден цвет“ проследен со позеленување на водата. Ова настанува при испуштањето на хемиски материи од фабриките, употреба на синтетички детергенти и вештачки земјоделски ѓубрива.

Во документот се посочува дека најголема закана за езерото во последната декада се високата еутрофикација и хипоксичните услови во езерото, кои се последица на постојниот притисок од високи концентрации на нутриенти од отпадни материи. Ова, како што е наведено, резултира со континуирана лоша еколошка состојба и со лош квалитет на водата во езерото, како и со чести масовни цутења на алгите и драстична промена на фитопланктонските заедници.

Како што е наведено во предлог-планот, во последните години, поради обилни врнежи и постојаниот доток на вода од хидросистемот, езерото ја надминало максималната кота, поради тоа што не постоеле активни мерки кои би го регулирале домашниот доток на вода и истекувањето на водата преку испуст од грчката страна.

За да не доаѓа до еутрофикација на екосистемот, во документот се посочува дека е потребно да се воспостави прекугранична соработка со грчките власти кои управуваат со Дојранското Езеро и да се воспостави траен и одржлив механизам со кој активно ќе се регулира нивото на водата на дневна основа.

Според оценката дадена во предлог-планот, туризмот, иако е значајна економска гранка на општина Дојран, истовремено зависи и од квалитетот на заштитеното подрачје, а од друга страна, оваа гранка има штетно влијание најмногу преку непланскиот развој (дивите градби), недоволната поврзаноста на туристичките објекти на канализациската мрежа и пречистување на отпадните води, загадување со цврст отпад итн. Затоа се бара локалните власти да воведат нова стратегија за развој на туризмот, односно да го заменат конвенционалниот/масовен туризам со алтернативен, еколошки и одржлив туризам.

За ефикасно управување, се предлага формирање управувачко тело – во рамки на општината или како посебен субјект, вработување стручни лица (еколози, биолози, хемичари), воспоставување чуварска служба и опремување мониторинг-станица.

Анализата покажала дека општината, како управувач со заштитеното подрачје, досега не поседува капацитети, ниту услови и не одвојува никакви финансиски средства за раководење со заштитеното подрачје.

– До 2021 година Општина Дојран нема предвидено ставка во буџетите не само за заштита на споменикот на природа туку и воопшто за заштита на животната средина. Досегашното финансирање на активности поврзани со заштитеното подрачје е обезбедено само од донаторски проекти. Истата година, Владата доделува 70.000.000 денари за заштитеното подрачје Дојранско Езеро, кои е планирано да се искористат за изградба на нова пречистителна станица и санација на главниот колекторски систем – се наведува во документот.

Во десетгодишниот план што треба да се ревидира по првите пет години, се наведува дека за негово спроведување ќе бидат потребни преку 5 милиони евра во првиот петгодишен период, со препорака да се обезбеди долгорочна и одржлива финансиска рамка од национални, меѓународни и прекугранични извори.

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ