Развиените земји мора да преземат поголема одговорност за намалување на емисиите и за обезбедување финансиски ресурси за иницијативи поврзани со климата, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во говорот одржан денеска на Деловниот форум COP31 во Анталија, Ердоган повика на одлучна глобална акција за справување со климатската криза.
Ердоган истакна дека алармантните размери на климатската криза бараат решително дејствување на глобално ниво.
„Развиените земји, кои го исцрпија глобалниот јаглероден буџет, треба да преземат поголема одговорност за намалување на емисиите и за обезбедување финансиски средства“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека мора да се заштити правото на земјите во развој да се развиваат, како и дека мора да им се пружи силна поддршка на заедниците што го носат најтешкиот товар од климатската криза.
Тој предупреди на опасноста земјите да им даваат предност на сопствените интереси пред колективното дејствување, истакнувајќи дека таков пристап би довел до уште поголеми предизвици и разорни катастрофи.
„Ако постапуваме според принципот ’секој за себе‘, ќе ја отвориме вратата за многу поголеми тешкотии и многу поразорни катастрофи“, рече тој.
Тој нагласи дека грешките од минатото – кога економските интереси имаа предност пред животната средина – не смеат да се повторат, додавајќи дека последиците од тие грешки „сега излегуваат на виделина, една по друга“. Тој изјави дека Турција решително ја спроведува својата „агенда за зелен развој“, трансформирајќи сектори како што се енергетиката, индустријата, транспортот, земјоделството и градежништвото.
Тој истакна дека владите не можат сами успешно да се справат со глобалните климатски промени и го повика деловниот сектор да преземе поголема одговорност.
Тој призна дека растот на цените на енергенсите влијае врз Турција, исто како и врз другите земји, но нагласи дека Анкара нема да се откаже од економскиот раст, развојот или инвестициите насочени кон подобрување на благосостојбата на своите граѓани,пренесе „Бета“.












