Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и претседател на Управниот одбор, Ј.М., поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, со неговото непостапување при исплатата на долгови кон два правни субјекта, на државната компанија ѝ била предизвикана штета од 10.968.483 денари само по основ на казнена камата.
Според соопштението на Управата за финансиска полиција, во периодот од 2021 до 2022 година пријавениот не презел дејствија за реализација на одлуките и заклучоците на Управниот одбор за исплата на парични обврски во вкупен износ од 19.292.984 денари.
„И покрај тоа што му биле доставени потребните документи за исплата, пријавениот не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање“, наведуваат од Финансиската полиција.
Според наводите во кривичната пријава, поради ваквото постапување против Пошта биле поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата. Така, покрај првичните обврски кон двете правни лица, државното акционерско друштво се соочило и со дополнителен трошок од речиси 11 милиони денари. Финансиската полиција наведува дека пријавениот постапувал спротивно на Статутот на друштвото и Законот за трговските друштва. Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради постоење основи на сомнение за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.
Наводите во пријавата треба да бидат предмет на натамошна постапка пред надлежното обвинителство. (П.А.)












