Тренерот на најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, Игор Јакимовски, упати жестоки критики до раководството на Атлетската федерација на Македонија, обвинувајќи го за долгогодишен притисок врз најуспешниот македонски маратонец и за игнорирање на неговите резултати.

Во обемна и остра објава на социјалните мрежи, тој наброја десет точки во кои ги изнесе своите забелешки за односот на Федерацијата кон Ивановски. Според тренерот, проблемите траат со години, а односот кон македонскиот олимписки претставник наместо да биде поддржувачки, бил насочен кон негово демотивирање и девалвирање на постигнатите успеси.

Јакимовски потсети на настапот на Ивановски на Олимписките игри во Париз, во 2024 година, тврдејќи дека Федерацијата се обидувала да го оспори неговиот пласман. Тој обвини и дека атлетичарот три години не добивал финансиска поддршка, иако станува збор за најдобриот македонски атлетичар.

Меѓу другото, тој отвори прашања и за средствата наменети за олимписките подготовки, односот кон резултатите на Ивановски и, како што тврди, обидите да му биде одземена заслужената олимписка стипендија. Во објавата се споменуваат и наводни пријави за допинг-контроли, како и несогласувања околу условите за настап на големите меѓународни натпреварувања.

  • Безброј тајни пријави за Дарио од својата национална федерација за допинг-контроли на домашно и на меѓународно ниво. И тоа на денот кога го постави Дарио резултатот на векот во Севиља. Цела нација славеше, две раце луѓе маваа глави в ѕид и смислуваа вакви сценарија. За кого, за Дарио?? Дарио чист како солза и негативен на сите тестови цели 10 години, како најтестиран спортист во нашата спортска историја – напиша, меѓу другото, Јакимовски.

Особено го критикуваше односот на Федерацијата кон маратонската дисциплина, потсетувајќи на наводните навредливи коментари за атлетичарите што се натпреваруваат во неа. Според Јакимовски, токму маратонот му донел на Ивановски место меѓу најзначајните имиња во историјата на македонската атлетика.

Сепак, главен повод за неговата најнова реакција е Светското првенство во атлетика во Пекинг, во 2027 година. Јакимовски тврди дека Ивановски веќе ги остварил потребните резултати за пласман на шампионатот, а дека во Федерацијата, според информациите што ги добил, се анализирале дополнителните бодови доделени од Светската атлетика.

Тренерот смета дека станува збор за мали разлики што може да влијаат врз позицијата на ранг-листата, но не и да го доведат квалитетот на Ивановски во прашање. Тој најави дека со следните настапи во 2027 година, очекува македонскиот маратонец дополнително да напредува и да се искачи меѓу 70. и 75. место на листата.

Во продолжение на објавата, Јакимовски го нарече актуелното раководство „гробари на националната атлетика“ и порача дека наместо да се занимава со резултатите на Ивановски, треба да размислува за свое заминување од функциите и за прашања што, според него, заслужуваат ревизија.

  • Со прости зборови кажано, нема што повеќе јас или кој било друг во националната атлетика да се занимава со гарнитура на луѓе во заминување, кои ќе бидат запишани во нашата спортска историја како гробари на националната атлетика и единствените спортски авторитети и воопшто граѓани на Република Македонија што организирано, здружено и со целосна умисла континуирано во изминатите шест години се обидоа на секаков можен начин да девалвираат, уништат, демотивираат и, пред сè, предвреме да испратат во пензија еден великан на националниот спорт – Дарио Ивановски – додава тренерот на нашиот најдобар атлетичар.

Најголемо внимание привлече неговиот предизвик упатен до раководството на Федерацијата. Јакимовски порача дека е подготвен доживотно да се повлече од атлетиката доколку не се пласира Дарио Ивановски на Светското првенство во Пекинг, во 2027 година. Во спротивно, тој побара претставниците на Федерацијата да го испратат македонскиот маратонец на аеродром со музика, алудирајќи на неговиот очекуван настап на светскиот собир.

  • Поздрав од тренерот без диплома и учете од најдобрите – е пораката со која Јакимовски ја заврши својата жестока објава.

Засега станува збор за обвинувања и тврдења изнесени од тренерот на Ивановски, а за нивна целосна слика е важен и ставот на Атлетската федерација на Македонија. Едно е сигурно: конфликтот меѓу Јакимовски и раководството на АФСМ повторно ја отвори темата за поддршката на најдобрите македонски атлетичари и за односите во националната атлетика.

ИЗДВОЕНИ