Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп денеска го одби најновиот ирански предлог за повторно отворање на Ормускиот Теснец и го нарече неприфатлив.
„Го одбивам нивниот предлог“, им рече Трамп на новинарите пред Белата куќа кога беше прашан за иранскиот план, кој предвидува брзо отворање на теснецот и продолжување на преговорите за нуклеарната програма во замена за укинување на американската поморска блокада и другите економски санкции.
„Подготвени се веднаш да го отворат теснецот само за да постигнат договор бидејќи губат на сите фронтови. Сакаат договор и мислам дека тоа е во ред. И јас сакам да склучувам договори, но тој договор не би бил прифатлив“, додаде Трамп.
Предлогот, кој им беше претставен на САД преку посредници претходно оваа недела, бара од Вашингтон да исполни одредени услови во рок од седум дена за да се рестартираат преговорите и да се отвори теснецот.
Според иранскиот план, непријателствата би престанале на сите фронтови, вклучително и во Либан, додека за возврат САД би требало да ја укинат блокадата на иранските пристаништа, да ги одмрзнат иранските средства и да ги повлечат санкциите за нафта.
Иран ја изнесе дипломатската иницијатива на Генералното собрание на ОН во Њујорк, наведувајќи дека предлогот им бил испратен на Американците преку катарски посредници. Според предлогот, теснецот би се отворил, а непријателствата во регионот би завршиле во рок од седум дена.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, изјави дека сè е подготвено доколку САД покажат сериозност. Предлогот исто така би барал од САД да ја укинат блокадата на иранските пристаништа, да ги ослободат замрзнатите средства и да ги укинат санкциите за нафта.
Трамп, според извештајот на „Волстрит журнал“ кој се повикува на неименувани американски официјални лица, приватно е скептичен дека Иран би ги исполнил неговите барања и смета дека е веројатна нова кампања на бомбардирање по ноемвриските избори во САД.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран е подготвен за разговори за нуклеарната програма, но дека нема да прифати „заплашување или притисок“.












