ФИФА ќе почека до крајот на Светското првенство пред да одлучи дали ќе ги санкционира играчите и тренерите што јавно го критикуваа судењето во текот на турнирот.

Во текот на шампионатот, неколку звучни имиња отворено ги нападнаа арбитрите, меѓу нив селекторот на Англија, Томас Тухел, швајцарскиот репрезентативец Мануел Аканџи и селекторот на Египет, Хосам Хасан.

Според британскиот „Њујорк тајмс“, ФИФА засега не сака да коментира за можните дисциплински мерки, но одлуките ќе бидат донесени по завршувањето на турнирот, врз основа на судиските извештаи и на дополнителните информации.

Сличен пристап Светската куќа на фудбалот примени и по Мундијалот во Катар, кога беа дисциплински казнети неколку национални федерации.

Тухел остро го нападна австралискиот судија Алиреза Фагани по победата на Англија над Мексико во осминафиналето, оценувајќи дека неговото судење било неконзистентно и недостојно за едно Светско првенство.

Најбурни реакции, сепак, имаше по елиминацијата на Египет од Аргентина. Хосам Хасан тврдеше дека притисокот на Аргентинците врз францускиот судија Франсоа Летексиер влијаел врз неговите одлуки.

Египетскиот напаѓач Мостафа Зико отиде чекор подалеку и изјави дека судијата ги уништил сите нивни напори, додавајќи дека „трофејот е наменет за Аргентина“.

Незадоволен од арбитражата беше и Мануел Аканџи, кој, по поразот на Швајцарија во четврт-финалето, изјави дека никогаш не доживеал толку еднострано судење.

Во меѓувреме, главниот судиски шеф на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, ги осуди обвинувањата за пристрасност и порача дека доведувањето во прашање на интегритетот на судиите може да предизвика закани кон нив и нивните семејства.

Се очекува веднаш по финалето ФИФА да ги разгледа сите случаи и да одлучи дали ќе бидат санкционирани критиките со парични казни или со суспензии.

 

ИЗДВОЕНИ