Детски културен центар „Карпош“, по трет пат, под покровителство на Град Скопје, ќе го организира и реализира „Фестивалот на детски мјузикли“ кој ќе се одржи од 30 мај до 1 јуни 2026 година, во кино „Фросина“– Младински културен центар.
Фестивалот почнува на 30 мај во 19:00 часот, со мјузиклот „Убавицата и ѕверот“, кој ќе се изведе премиерно препеан на македонски јазик од Студиото за детски и младински мјузикли „Бродвеј Јуниор“ од Скопје, под раководство на Наташа Јанкова. За публиката која нема да има можност да го гледа мјузиклот „Убавицата и ѕверот“ на 30 мај, ќе може да го погледне на 31 мај, исто така од 19:00 часот. На 1 јуни, од 12:00 часот, ќе биде изведен мјузиклот „Петар Пан”, кој ќе биде изведен на англиски јазик, од учениците од Интернационалното училиште „Кју-ес-ај“ од Скопје.
– Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година в година и ќе прерасне во меѓународен настан – изјави директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска, истакнувајќи ја културната и едукативната вредност на музичкиот театар за младата публика.
Како уметнички раководител на фестивалот и хорски диригент на двата детски мјузикли е Наташа Јанкова, која е прва во државата што го промовира мјузиклот како сплет на уметности и со голема љубов, страст и ентузијазам им го пренесува на младите генерации.
Oд ДКЦ „Карпош“ информираат дека целта на овој фестивал е да се афирмира мјузиклот како музичка форма која опфаќа пеење, глума и танц во едно, да се негува вокалната техника кај децата и да се едуцира младата популација за вреднување на сопствените културни вредности од областа на детските мјузикли и секако за крај, можност за избор на идна професија.
– Мјузиклот е музичко-сценско дело во кое актерите пеат и танцуваат. Овој фестивал нуди живи изведби од светски познати детски приказни, нудејќи возбудлива можност за публиката од сите возрасти да ја доживеат магијата на мјузиклот. Тој е наменет за деца и млади кои поседуваат исклучителен талент за пеење, глума и танцување. Низ серија аудиции се избираат талентирани деца и млади за учество во детски мјузикл кој е препеан на македонски јазик од Весна Малинова – велат од ДКЦ „Карпош“.











