Факт е дека бројот на странски туристи во државата последнава година е во постојан пораст. Според последната статистика, во мај државава ја посетиле преку 100 илјади странски туристи. Најголем број од нив се од Турција, но и од европските земји, каде што многу се внимава на хигиената и на тоа каде се фрла ѓубрето. Но, за жал, кај нас, и покрај апелите од властите, не се менува свеста на граѓаните да не го фрлаат ѓубрето каде што ќе стигнат. Така, во водите на Вардар може да се види сè – пластични кеси, амбалажа од различни производи, па дури и мебел. Се поставува прашањето дали странските туристи го гледаат ѓубрето во Вардар.
Туристичките работници велат дека ѓубрето остава лош впечаток за државата и за народот што живее во неа. Тие постојано апелираат дека треба да се казнува за да се спречи фрлањето ѓубре, бидејќи кога недостига лична култура кај добар дел од граѓаните, само со ригорозни казни може да се реши овој проблем.
Љупчо Јаневски, туристички експерт, вели за весникот ВЕЧЕР дека странските туристи не само што го гледаат туку почнуваат и да ни го чистат ѓубрето од парковите, покрај улиците…
– Не ни се потребни закони и казни за да ја чуваме животната средина, бидејќи тоа е одговорност на сите нас. Македонските иселеници од Америка што ја посетија Македонија летово, запознавајќи се со можностите за работа, инвестирање, со корените и убавините, не останаа имуни на ѓубрето. Последната нивна активност беше собирање отпад во Градскиот парк. Зарем има нешто повеќе што ја отсликува нашата (не)култура од тоа некој друг да ни го чисти ѓубрето? Сè почесто може да се видат и туристи од Азија што застануваат со автобуси за да ги чистат нашите стојалишта, кои се затрупани со отпадоци, надевајќи се дека со личен пример ќе ги освестат нашите граѓани – вели Јаневски.
Тој додава дека грижата за екологијата е наше огледало. Доколку повторно дојдат и ја видат истата слика, странските туристи може да ни го свртат грбот и да не се вратат никогаш повеќе.
(А. С.)
Фото: Ѕ.Плавевски