петок, август 7, 2026
Дома БАЛКАН ЕУ без решение за возачите од Западен Балкан во Шенген зоната –...

ЕУ без решение за возачите од Западен Балкан во Шенген зоната – превозниците најавуваат радикални чекори и блокирање на гранични премини

0

Меѓународните превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавуваат радикални чекори и блокирање гранични премини откако Европската комисија целосно го изигнорира крајниот рок до 10 август 2026 година, кој транспортните здруженија го поставија за изнаоѓање конкретно решение и укинување на рестриктивниот престој за професионалните возачи во Шенген-зоната.

Претседателот на Српското здружение за меѓународен транспорт, Неѓо Мандиќ, изјави дека Европската комисија (ЕК) не понудила никакво решение за укинување на ограничувањата за времетраењето на престојот на професионалните возачи на камиони од Западен Балкан во земјите од Шенген зоната.

Средбата со надлежниот директорат на ЕУ за наоѓање решение за ослободување на возачите на камиони во меѓународниот транспорт од правилото на ЕУ дека нивниот престој во Шенген зоната е ограничен на 90 дена во период од 180 дена, според него, треба да се одржи на крајот од следната недела.

Тој изјави за Бета дека транспортните здруженија од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија испратиле писмо до ЕУ и побарале состанок, предлагајќи го Белград или Брисел како место за разговорите, но дека тие веројатно ќе се одржат преку интернет, рече Мандиќ, додавајќи дека оваа форма на состанокот не е соодветна.

Тој рече дека тројцата надлежни директори од Директоратот на ЕУ за мобилност и транспорт се на одмор до 12 август, па затоа се очекува состанокот да се одржи потоа.

„Возачите фатени во Шенген зоната сè уште се депортираат, а камионите се задржуваат дури и по 10 април оваа година, кога беше договорено да се „бришат (нулираат) деновите поминати во Шенген зоната до тој датум и да се започне ново броење. Оние возачи кои ја исполниле квотата од 90 дена во последните шест месеци сè уште не можат да влезат во Хрватска, Унгарија или Романија“, рече Мандиќ.

Тој додаде дека од воведувањето на правилото 90/180 во октомври 2025 година за престој на транспортери во земјите од Шенген зоната, кое покрај земјите од ЕУ ги вклучува и Исланд, Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Ватикан во октомври 2025 година, ништо не се променило за да им се овозможи на транспортерите да вршат меѓународен транспорт.

На крајот на јануари 2026 година, транспортерите од Србија и Босна и Херцеговина ги блокираа товарните терминали на граничните премини четири дена, но не беше пронајдено решение за нивно ослободување од ограничениот престој во земјите од Шенген зоната.

ЕУ го воведе Правилото 90/180 за да спречи неконтролиран прилив на мигранти, со кое статусот на професионалните возачи на камиони во меѓународниот транспорт се изедначи со статусот на туристите.

По последниот состанок на транспортните компании од Западен Балкан, меѓународните транспортни компании ѝ понудија на Европската комисија 10 август 2026 година како рок за одговор на тоа како да се реши проблемот на овие возачи, но не добија одговор.

Бидејќи Комисијата не даде никакви конкретни решенија, транспортните компании од Босна и Херцеговина, Црна Гора,  Македонија и Србија ќе одржат регионален состанок во Северна Македонија на 11 август за да разговараат за тоа што да прават понатаму, пренесе „Бета“.

 

 

ИЗДВОЕНИ